
Претседателот на САД, Доналд Трамп е прогласен за „најмоќна личност во Европа“ во 2025 година во традиционалниот годишен избор на бриселскиот портал „Политико“ на 28-те најмоќни луѓе во европската политика.
Иако, традиционално изборот на најмоќна личност вклучува само Европејци, односно лица кои живеат или работат на европскиот континент, годинава „Политико“ направи исклучок со оценка дека „никој не извршил поголемо влијание во или врз Европа оваа година од претседателот на САД“.
– Сенката на Трамп се издига толку високо над европските престолнини, што неговите одлуки – или испади – преобликуваа сè, од буџетите за одбрана, па до трговската и внатрешната политика, оценува „Политико“.
По Трамп на второто место на листа е данската премиерка Мете Фредериксен, пред германскиот канцелар Фридрих Мерц и неформалната лидерка на францускиот десничарски Национален собир, Марин Ле Пен. На петтото место е рускиот претседател Владимир Путин, пред лидерот на британската Реформска партија, Најџел Фараж и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Првата „десетка“ на листата ја заокружуваат генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, италијанската премиерка Џорџа Мелони и нејзиниот британски колега Кир Стармер.
Во образложението на „доделувањето на титулата“ на Трамп, се наведува дека од обидот да се опише односот на Европа со него станува јасно дека Европејците се „соочуваат со непредвидлив доминантен партнер, чии импулси можат да го претумбаат континентот преку ноќ“.
– Дали е тој партнер? Повремено. Закана? Понекогаш. Сила што го преобликува односот според негови услови? Секогаш, наведува „Политико“.

Порталот оценува дека иако европските лидери сфаќаат дека „имаат работа со нестабилен партнер“ и ја гледаат „непредвидливоста и растечката асиметрија“, тие сепак остануваат врзани за Вашингтон затоа што „безбедносната архитектура на континентот и голем дел од неговиот просперитет сè уште се потпираат на американскиот столб“.
– Првите месеци од вториот мандат на Трамп го поставија тонот за она што стана исцрпувачка година за европските дипломати. Неговите јавни флертувања со рускиот претседател Владимир Путин ги запрепастија дури и искусните набљудувачи. Неговото понижување на украинскиот лидер Володимир Зеленски ги зголеми стравувањата дека Вашингтон се претворил од сојузник во антагонист, се наведува во текстот.
Според „Политико“, и покрај постојаните жалења на европските лидери на штетите што им ги нанесува Трамп и нивното понижување од негова страна, тие сепак еден по еден „летаа во Вашингтон, поддржувајќи го американскиот претседател со надеж дека ќе го смират“.
– Образложението беше јасно. Поголемиот дел од Европа се потпира на американската заштита уште од крајот на Втората светска војна. Немаше друг начин земји, како Германија, да создадат сигурни армии, а уште помалку нуклеарно одвраќање. Со војната што беснее на континентот, Европа нема друг избор освен да се држи до она што остана од американскиот штит, колку и тој да стана кревок, наведува порталот, посочувајќи дека во такви услови беше постигнат и несразмерниот трговски договор меѓу ЕУ и САД, со кој Брисел прифати казнени царини и даде нереални ветувања за инвестиции „за да купи привремен мир“ и кој донесе „вистинско олеснувањето, но, исто така, и понижувањето“ на Европа.
Во текстот се посочува дека Трамп и неговата Администрација „ја замаглија линијата помеѓу надворешната политика и политичката кампања“, прекршувајќи ја традицијата според која националните лидери се држат настрана од внатрешните политики на партнерите.
– Европските лидери нервозно гледаа на зборовите на поддршка на Трамп упатени до Французинката Марин Ле Пен по пресудата против неа за проневера на средства од ЕУ и на неговото продлабочување на пријателството со унгарскиот премиер Виктор Орбан. Со оглед на тоа што и Франција и Унгарија се приближуваат кон клучни избори, можноста за ставањето на американскиот прст на вагата, стана постојана загриженост за многумина во Брисел, се оценува во написот.

Во него натаму се додава дека доминацијата на американскиот претседател ја преобликуваше и европската економија, исто колку и нејзината дипломатија, принудувајќи ја ЕУ да отстапи од некои од нејзините климатски цели и поткопувајќи ги нејзините амбиции да стане глобална регулаторна суперсила во секторите на дигитализацијата и вештачката интелигенција.
– Сепак, некои во Европа се обидуваат да го ослободат континентот од стисокот на Трамп. Како партнер кој тивко издвојува пари при подготовка за развод, блокот инвестира во својата одбрана и стратешка автономија. Берлин и Копенхаген се свртуваат кон европските добавувачи за нивните растечки арсенали и премолчено го прифаќаат долгогодишниот став на Париз дека трансатлантската алијанса треба да се почитува, но не и премногу да се биде потпорен на неа … Со други зборови, доминацијата на Вашингтон можеби е неспоредлива во поново време, но сепак можеби е и на својот врв. Европа не е подготвена да се откаже од сојузот на САД, но тивката работа на создавање алтернатива веќе започна, заклучува „Политико“.
Целосната листа на 28-те најмоќни луѓе во Европа, заедно со квалификации за нив дадени од авторите на поредокот, е следнава:
1. Доналд Трамп, претседател на САД, „трансатлантското цунами“;
2. Мете Фредериксен, премиерка на Данска, „северната ѕвезда“;
3. Фридрих Мерц, канцелар на Германија, „неволниот радикал“;
4. Марин Ле Пен, поранешна претседателка на францускиот Национален собир, „воениот коњ“;
5. Владимир Путин, претседател на Русија, „провокаторот“;
6. Најџел Фараж, лидер на британската Реформска партија, „лидерот во сенка“;

7. Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија, „железната тупаница“;
8. Марк Руте, генерален секретар на НАТО, „слаткоречивиот“;
9. Џорџа Мелони, премиерка на Италија, „пример за однесување“;
10. Кир Стармер, премиер на Велика Британија, „незабележливиот“;
11. Манфред Вебер, лидер на Европската народна партија (ЕПП), „распределувачот на моќта“;
12. Виктор Орбан, премиер на Украина, „главоболката“;
13. Александер Стуб, претседател на Финска, „придружникот“;
14. Володимир Зеленски, претседател на Украина, „кловнот на палубата“;
15. Габриел Зикман, француски економист и даночен експерт, „уништувачот на милијарди“;
16. Каја Калас, висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, „недипломатката“;

17. Тереза Рибера, извршна потпретседателка на Европската комисија за чиста, праведна и конкурентна транзиција, „држачка на факелот“;
18. Даниел Ек, претседател на Управниот одбор на „Спотифај“, „бомбашот“;
19. Емануел Макрон, претседател на Франција, „ранетиот петел“;
20. Марио Драги, поранешен премиер на Италија и екс-гувернер на Европската централна банка, „пророкот“;
21. Андреј Бабиш, премиер на Чешка, „повратникот во блокот“;
22. Ген. Алексус Гринкевич, командант на Силите на НАТО во Европа, „обесхрабрувачот“;
23. Карол Навроцки, претседател на Полска, „спротивниот пол (на оската)“;
24. Хајди Рајхинек, лидерка на германската партија Левица, „виралниот глас“;
25. Андреа Орцел, претседател на Управниот одбор на „УниКредит“, „банкарскиот Наполеон“;
26. Рима Хасан, француска левичарска европратеничка со палестинско потекло, „мегафонот“;
27. Роб Јетен, лидер на партијата Демократи 66 и веројатен иден премиер на Холандија, „новата симпатија на Брисел“; и
28. Џани Инфантино, претседател на ФИФА, „МВП играчот“.