ДОМ се дистанцира од Лилјана Поповска

Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја разјасни својата позиција во однос на повторените јавни поврзувања на Лилјана Поповска со партијата и во основа се дистанцираше од поранешната претседателка и пратеничка.

Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја разјасни својата позиција во однос на повторените јавни поврзувања на Лилјана Поповска со партијата и во основа се дистанцираше од поранешната претседателка и пратеничка. „Иако ја цениме нејзината досегашна улога во политичкиот живот, сметаме дека е важно да се направи јасна разлика меѓу минатото и сегашната насока на ДОМ“, се наведува во соопштението од партијата.

Поповска е актуелна последниве денови поради иницијативата што ја поднесе до Уставниот суд за поништување на вториот протокол со Бугарија и отвори повеќе прашања дали таа делува самостојно или како дел од ДОМ.

„Партијата денес се води од принципите на транспарентност, инклузивност и колективна одговорност, преку модел со четворица ко-претседател(к)и. Овој систем ја поттикнува рамноправноста и спречува било каква концентрација на моќ, што претставува значаен исчекор од претходните модели на управување.

Свесни сме дека Лилјана Поповска е ангажирана во нови иницијативи, како што е ‘Зелен хуман град’ и веруваме дека нејзиниот фокус треба да остане таму. Во таа насока, ДОМ охрабрува почитување на различните политички патеки и избегнување на мешање кое може да создаде недоразбирања или да ја наруши довербата на граѓан(к)ите.

Нашата партија останува посветена на градењето на зелена, инклузивна и европска Македонија преку ‘Коалицијата за зелена иднина’. Ги повикуваме сите членови и симпатизери да ја поддржат реформската насока и да ги стават заедничките вредности пред индивидуалните интереси“, се вели во соопштението на ДОМ.