Домашниот туризам бележи раст, но работодавците се жалат – недостасува кадар

Домашниот туризам бележи зголемување на бројот на туристи. Но, и покрај тоа работодавците велат дека се соочуваат со проблем – недостиг на кадар..

Според податоците на Државниот завод за статистика, во периодот јануари – април годинава, во однос на истиот период лани, бројот на туристите е зголемен за 24,3 %. Кај домашните туристи има намалување за 3,6, а кај странските зголемување за дури 46%. Но, летово голем проблем ќе биде немањето на соодветна работна сила и стручен кадар поради масовното заминување во странство.

„Годинава основен проблем секаде е недостатокот на кадар. Кадарот од сите профили, од кујна и сервис. Не знам локација, хотел или ресторан каде немаат проблем со кадар…“, изјави Ана Јанчева-менаџер на хотел во Струга.

И во Струга и во Охрид проблемот летово ќе се решава со средношколци кои немаат работно искуство во угостителството.

„Ќе биде тешко со оглед дека сите вработени заминуваат за Хрватска и нашата конкуренција, фабриките кои се отворени, ни прават делумна штета во однос на одливот на добро обучени луѓе….“, рече Филип Мишески-директор на хотел во Охрид.

Во некои од околните фабрики потенцијалниот кадар за угостителството, може да добие подобри плати отколку во хотелите и рестораните. Оние пак, кои заминуваат за Хрватска заработуваат неколкукратно повисоки плати отколку во Охрид и Струга. Целта на хотелиерите е во следните години да успеат да стигнат, не до хрватските плати, туку барем да почнат да ги даваат просечните плати кои ги нудат фабриките во регионот. Во меѓувреме, угостителите среде сезона бараат работници. Огласи има на секој чекор. Некаде и самите сопствениците мора да ги служат гостите.