Доларот ослабе, цената на нафтата падна

На девизните пазари вредноста на доларот падна во однос на кошницата валути.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утринава се движи околу 105,35 поени, додека вчера во ова време изнесуваше 105,52 поени.

Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од вчерашните 157,35 на 157,65 јени.

Сепак, американската валута ослабе во однос на европската, па цената на еврото достигна 1,0730 долари, додека вчера во овој момент таа изнесуваше 1,0700 долари.

Цените на нафтата, пак, благо паднаа, по вчерашниот силен раст. Цената на барелот на лондонскиот пазар утрово се лизна за 0,14 отсто, на 84,10 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 0,19 отсто, на 80,15 долари.

На азиските берзи утринава цените на акциите пораснаа, благодарение на нивната корекција по вчерашниот пад и новите рекордни височини на берзанските индекси на Волстрит.

MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските акции, во 07:00 часот порасна за 0,6 отсто, надополнувајќи ги вчерашните загуби.

Истовремено, јапонскиот индекс Никеи зајакна за 0,8 отсто, додека цените на акциите во Шангај, Јужна Кореја и Австралија пораснаа меѓу 0,3 и 0,9 отсто. Во Хонг Конг, пак, тие благо паднаа.

Откако вчера паднаа поради послабите од очекуваните економски показатели од Кина, берзанските индекси утрово ги надоместија тие загуби.