Доларот ослабе, цената на нафтата падна
На девизниот пазар вредноста на доларот во однос на кошничката валути продолжи да се лизга, откако минатата недела падна за прв пат по три недели раст.
Индексот на доларот кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути се движи околу 108,82 поени, додека во петокот вечерта изнесуваше 108,96 поени.
Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од 142,50 на 142,75 јени.
Сепак, американската валута ослабе во однос на европската, па цената на еврото достигна 1,0085 долари, додека во петокот вечерта беше 1,0045 долари.
Оддалечувањето на еврото од најниското ниво во последните 20 години следеше откако Европската централна банка во четвртокот ги зголеми клучните каматни стапки за агресивни 0,75 процентни поени.
Цените на нафтата, пак, паднаа по силниот скок во петокот. Утрово цената на барелот на лондонскиот пазар се лизна за 1,3 долари, на 91,55 долари, додека на американскиот пазар барелот поевтини за 1,28 долари, на 85,50 долари.
Цените на акциите пораснаа на азиските берзи во понеделникот, но обемот на тргување беше значително помал од вообичаеното бидејќи неколку земји се затворени поради празници.
Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските акции, порасна за 0,5 отсто околу 07:00 часот.
Истовремено, индексот Никеи порасна за 1,1 отсто на берзата во Токио, а цените на акциите во Австралија пораснаа за повеќе од 1 отсто. Јужнокорејските и кинеските берзи денеска се затворени поради празникот.
Азиските инвеститори беа охрабрени од трет ден по ред на добивки на Волстрит во петокот, иако е јасно дека американската централна банка ќе продолжи да ги зголемува каматните стапки за да ја спречи инфлацијата.
Во фокусот на инвеститорите оваа недела ќе биде извештајот за потрошувачките цени во САД, кој ќе биде објавен во вторник и кој ќе покаже колку се намалиле инфлациските притисоци во август, со оглед на тоа што цената на горивата паднала тој месец.
Аналитичарите анкетирани од Ројтерс проценија дека инфлацијата се лизна на 8,1 отсто на годишна основа во август, од 8,5 отсто еден месец порано.
На Токиската берза исто така позитивно влијаеше веста за олеснување на ограничувањата за патување воведени во еден момент со цел борба против коронавирусот. Благодарение на тоа утрово значително пораснаа цените на акциите во секторите поврзани со туризмот.