Доларот ослабе, еврото зајакна

На валутните пазари минатата седмица вредноста на доларот во однос на кошницата валути падна, додека курсот на еврото во однос на американската валута порасна за речиси еден процент.

Индексот на доларот, кој ја искажува вредноста на американската во однос на шесте најважни светски валути, минатата недела падна за 0,8 отсто, на 104,45 поени. Истовремено вредноста на доларот во однос на европската валута се лизна за 0,9 отсто, па цената на еврото се искачи на 1,0870 долари.

Доларот ослабе и во однос на јапонската валута, за 0,1 отсто, па неговиот курс се лизна на 155,65 јени. Откако долго време зајакна во однос на јапонската валута и достигна 160 јени, највисоко ниво во последните 34 години, јапонската централна банка неодамна интервенираше на пазарот, па курсот на доларот падна. Во последните седмици се движи во тесен опсег околу 155 јени.

Интервенциите на јапонските монетарни власти во моментов не се потребни, бидејќи доларот е под притисок поради шпекулациите дека американската централна банка (Federal Reserve – Fed), сепак, може двапати да ги намали каматните стапки оваа година.

Имено, минатата седмица беше објавено дека потрошувачките цени во САД пораснале нешто помалку од очекуваното во април, што ги поддржа тезите за ублажување на инфлаторните притисоци и отворање простор на американската централна банка за намалување на каматните стапки. Така, шпекулациите дека Fed ќе ги намали каматните стапки двапати во втората половина од годината, во септември и декември, за по 0,25 процентни поени.

Еврото минатата седмица зајакна во однос на доларот, иако се очекува дека Европската централна банка (ECB) наскоро ќе го започне циклусот на намалување на каматните стапки и тоа пред Fed, веројатно веќе во јуни.