Доларот од почетокот на годината порасна за повеќе од 10%
На глобалните пазари, доларот силно порасна во однос на другите валути минатата недела, достигнувајќи го највисокото ниво за еден месец, бидејќи американската ФЕД има повеќе простор да ги зголеми каматните стапки за да ја спречи инфлацијата отколку другите централни банки.
Индексот на доларот, кој го покажува движењето на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, минатата недела скокна за 2,2 отсто на околу 108,00 поени, највисоко ниво во еден месец.
Истовремено, доларот зајакна за 2,2 отсто во однос на европската валута, па цената на eвра се лизна на 1,0035 долари, најниско ниво од средината на јули, пишува Seebiz.
Курсот на доларот силно порасна и во однос на јапонската валута, за 2,6 отсто, на 136,95 јени, што е највисоко ниво од крајот на јули.
Најголемата неделна добивка на индексот на доларот од април 2020 година е благодарение на очекувањата за натамошно агресивно зголемување на каматните стапки од страна на американската централна банка.
Иако американската инфлација малку се намали во јули, таа останува блиску до највисоките нивоа во повеќе од 40 години и далеку над целните нивоа на ФЕД.
Пред конференцијата на централните банкари во Џексон Хол следната недела, челниците на ФЕД велат дека е неопходно дополнително зголемување на каматните стапки за да се спречи инфлацијата.
Затоа, воопшто не е под знак прашалник дали ФЕД ќе ги зголеми клучните каматни стапки на седницата во септември, туку само за колку.
ФЕД ги зголеми каматните стапки за 2,25 процентни поени од март.