Доживотен затвор за Палевски, Манев, Видевски и Кешишев, таткото на Вања ослободен од обвинението

Судијата Ивица Стефановски ги упати семејствата на убиените на граѓанска постапка за побарување отштета.

Доживотен затвор им определи судот на обвинетите Велибор Манев, Влатко Кешишев, Боре Видевски и Љупчо Палевски за грабнувањето и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски е ослободен од обвинението. Судските трошоци за него паѓаат на товар на државата.

Судијата Ивица Стефановски ги упати семејствата на убиените на граѓанска постапка за побарување отштета.

Судијата Ивица Стефановски денеска во Кривичниот суд ја изрече пресудата за едно од најтешките злосторства во Македонија – за грабнувањата и за ладнокрвната ликвидација на велешанецот Панче Жежовски (74) и на Вања Ѓорчевска (14) од Скопје, извршени на 22 ноември и на 27 ноември 2023 година.

За свирепите злосторства им се судеше на првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо од Скопје и на неговите сопартијци Велибор Манев и Боре Видевски од Велес и на Влатко Кешишев од Штип. Петтообвинет во предметот беше Александар Ѓорчевски, кому му се суди за помагање во грабнувањето на неговата ќерка Вања.