
Претседателот на Република Српска Милорад Додик денеска изјави дека странските амбасадори во БиХ се обидуваат да го соборат од власт него и Алијансата на независни социјалдемократи (СНСД), чиј лидер е.
Тој оцени дека СНСД „ќе покаже дека овие обиди се неуспешни“, пренесе Радио-телевизија РС (РТРС).
„Тоа се трудат постојано да го прават, тоа го правеа и на последните избори и претходно. Тоа веројатно го разбрал и американскиот амбасадор во Босна и Херцеговина, Мајкл Марфи“, рече Додик коментирајќи ги тврдењата на одредени медиуми дека по лидерот на Партијата за демократска акција (СДА), Бакир Изетбеговиќ, тој е на ред да биде отстранети од политичката сцена.
Според него, дваесет години странски амбасадори се обидуваат да го разбијат СНСД и да најдат луѓе кои би ја напуштиле партијата и „ќе направат проблем“.
Говорејќи за Уставниот суд на БиХ, Додик рече дека за БиХ нема да има европски пат доколку овој суд не се редефинира.
Тој посочи дека Уставниот суд на Босна и Херцеговина не може да функционира на постоечки начин и дека тоа мора да биде во интерес на сите, „не само на оние кои сакаат да ја урнат Република Српска“.
Додик оцени дека тоа е „инквизициски суд“ и дека е јасно зошто странците, пред се, американскиот амбасадор и некои други од Европа, сакаат да го зачуваат.
„Нивната цел е да продолжат да го прават она што го направи поранешниот висок претставник во Босна и Херцеговина, Педи Ешдаун, а тоа е дисквалификување на Уставот, што не е улога на овој суд“, рече претседателот на РС.
Тој нагласи дека Уставниот суд на БиХ е приоритет на сите решенија и дека „нема БиХ ако нема договор“.