Додик: Република Српска е фактор за опстанок на БиХ

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, им порача денеска во пост на „Х“ на европските лидери дека од нив очекува да го поддржат определувањето на народите во БиХ за интеграција со другите земји во Европа и потсети дека европските лидери пред повеќе од три децении придонесоа за дезинтеграцијата на овие простори, што резултираше со многу страдање и жртви.

Како што истакна Додик, праведно е Србите, Хрватите и Бошњаците повторно да живеат во ЕУ без граници и бариери.

„БиХ, со огромна заслуга на Република Српска, вложи максимални напори за забрзан напедок на европскиот пат. Ако ЕУ покаже визија, ќе ги награди тие напори и ќе го забрза целиот процес на интеграција на Западен Балкан. Ако се определи за понатамошни блокади, таа веќе нема визија туку е инструмент во геополитичките игри кое веќе скапо ги плаќа,“ истакна тој.

Додик ги поздрави добрите пораки кои стигаат од ЕУ, од шефовите на дипломатија на Италија, Австрија, Унгарија, Словенија и на Хрватска.

„Тие повикуваат на што поскоро отворање на преговорите со БиХ. Тоа го прават на начин кој им помага на внатрешните односи и тоа треба да се ппздрави,“ посочи Додик.

Во однос на посетата на шефицата на германската дипломатија, Додик посочи дека е добро што се добиени јасни пораки дека иднината на сите држави од Западен Балкан е во ЕУ.

„Во нејзините изјави и понатаму се чувствуваат последиците од долгата, валкана кампања против нас. Фактот дека Република Српска бара почитување на Уставот и на Дејтонскиот мировен договор и на меѓународното право не е нарушувачки туку фактор на опстанок на на БиХ. И тоа е пораката на Бања Лука до сите европски претставници,“ посочи тој.

Додик повтори дека БиХ не постои без Република Српска.

„ЕУ не може да биде целосна без БиХ и без Република Српска бидејќи ние можеме да функционираме само како ЕУ. Ние сме парадигмата на ЕУ на мал простор. Можеме да бидеме успешен проект заснован на економската и демократската коегзистенција на различните интереси кои постојано изнаоѓаат компромиси и на тој начин одат кон иднината. РС се стреми кон тоа како кон најголем национален интерес зашто крајот на патот во ЕУ е крај на границите меѓу Србите, но и меѓу другите народи на Балканот,“ истакна Додик.