Доделени годинашните државни награди „Св. Климент Охридски“

Добитници на наградата „Св. Климент Охридски“ за долгогодишни остварувања во областа на образованието, културата, здравството и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност во земјава се универзитетскиот професор Африм Османи, писателот и академик Влада Урошевиќ, ликовниот уметник Исмет Рамиќевиќ и кардиохирургот Сашко Јовев.

Универзитетскиот професор д-р Африм Османи ја доби наградата во областа на воспитанието и образованието годинава , наградата за остварување во областа на културата и уметноста им припадна на писателот и академик Влада Урошевиќ и на ликовниот уметник Исмет Рамиќевиќ, а наградата за остварување во областа на здравството на кардиохирургот професор д-р Сашко Јовев.

Оваа награда претставува бесценет камен во круната на признанија што се доделуваат кај нас, порача академик и претседател на Одборот за доделување на наградата, Газанфер Бајрам.
Тој додаде дека годишните добитници на наградата покажуваат оти македонското образование, уметност и здравство имаат луѓе чии достигнувања можат да се гледаат и во светски стандарди.

Во име на добитниците се обрати академикот и писател Урошевиќ, кој изрази надеж дека зближувањето, заемната доверба и искажувањето добра волја да се разбере другиот ја покажуваат и допрва ќе ја докажат својата длабока оправданост и целисходност и дека ќе се реализираат низ резултати што ќе им донесат благостостојба.

„Секој од нас бил и се уште е корисен член на нашето општество и секој со дејноста во својата област го дал својот удел во неговиот развој. Значајно е дека низ активностите остварени во рамки на своите професии сме дале докази за нашата подготвеност да ги надминеме етничките, верските и политичките разлики и да го насочиме својот труд или својата креативност кон заедничките цели“, потенцираше Урошевиќ.