Државната комисија за спречување на корупцијата констатирала дека за организирањето на новогодишната прослава на скопскиот плоштад во 2020 година, на која настапи балканската ѕвезда – Дино Мерлин и други групи е прекршен Законот за јавни набавки, поради основано сомневање дека Младинскиот културен центар постапил спротивно на законот и не спровел постапка за јавна набавка, туку распишал јавен оглас за организирање на новогодишната прослава.
Новогодишната прослава чинела околу 240.000 евра, од кои околу 154.000 евра се платени од градскиот буџет.
ДКСК за ова ќе достави иницијатива за кривично гонење пред ОЈО за гонење организиран криминал, како и иницијатива за отворање постапка за одговорност на одговорното лице до институцијата која го именува, односно Градот Скопје. Ова произлегло од проверката на тендерите на институциите за јавна набавка на техничка поддршка, по сопствена иницијатива на ДКСК.
Информациите од ДКСК се дека хонорарот од околу 84.000 евра за настап на пејачот Дино Мерлин е обезбеден од приватни спонзори, а не од буџетот на Градот Скопје и тој не влегува во сумата платена за организација на прославата.