„Со присуството на отворањето на културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола и сликањето под неговото име, бугарските владини претставници јавно покажаа дека не знаат каде одат“. Ова е ставот на професорот по културна антропологија на Софискиот универзитет – Ивајло Дичев.
„Можеби не ја знаат доволно ни улогата на Ванчо Михајлов пред чие име се сликаа. Кај нас ги покажаа само оние плакати на кои што се обвинуваат Бугарите дека им се крвави рацете. Со ова решението на глупавиот спор се оддалечува уште повеќе, а сите наши фундаменталисти го кажаа и го нагласија тоа“ – изјави Дичев за порталот „МКД.мк“ како коментар на присуството на бугарските владини претставници во Битола.
Професорот оценува дека можниот компромис до прифатливо решение меѓу Скопје и Софија е наведување на Бугарите во Уставот на земјава како уставотворен народ, што, според него, нема никому да му пречи, а ќе биде симболичен гест кој што ќе помогне да се дојде до решение.
„Минатото треба да се остави на мир. Можниот компромис е да се гарантираат правата на Бугарите во Република Северна Македонија. Но, што значи тоа и на какви дискриминации се подложени, не разбирам. Нека си кажат што точно сакаат, па Европската Унија нека проверува“ – смета Дичев
Според него, Софија би требало да најде формула за улогата на тогашната бугарска држава во времето на Втората светска војна, што би и овозможило на современа Бугарија „да го зачува достоинството“.