Директорот на финансиска полиција доби кривична пријава, по обвинителите тој се жали и од судијата

Сагата со првиот човек на финансиската полиција продолжува- Муареми доби и кривична пријава, која ја поднел жител од Дебар каде што објаснува дека во периодот од февруари па се до денес, директорот на финанова му се заканувал, го уценувал и му вршел притисоци, со што сторил злоупотреба на службената положба, насилство и малтретирање во вршење на служба.

 Муареми вели дека и новата кривична и претресот што го изврши обвинителството за организиран криминал во неговата институција се неосновани и  доаѓаат од едно исто место.

“Јас како директор, како и вработените во Управата за финансиска полиција препознаваме и свесни сме дека овие намерно исценирани и неосновани напади кон нас, доаѓаат од еден ист центар за кој што во управата, но, и во други институции веќе активно се водат соодветни постапки, во зависност од надлежностите на институцијата. Очекуваме ваквите напади да продолжат и во индина, се додека органите на прогон работат на расчистување на неодамнешните случувања со незаконскиот претрес во нашата институцjиа.”

Токму поради незаконскиот претрес како што вели Муареми, денеска поднесе и претставка до Судскиот совет со барање да се провери по кои индиции обвинителството на Русковска добило одобрување да изврши претрес во Финансова.

Од Судскиот совет на некоја од наредните седници ќе проценат дали воопшто ќе поведат постапка против судијата на претходна постапка кој ја издал наредбата за претрес, за негово евентуално разрешување или некаква санкција.

“Во архивата на Судскиот совет е заведено барањето за испитување одговорност на судија. На некоја од наредните седници на советот по пат на ждребка ќе се формира комисија од три члена која ќе подготви записник дали постапката за судијата ќе продолжи или ќе прекине.”

Покрај Судскиот Совет, Арафат Муареми претходно поднесе претставка и до републичкиот обвинител за незаконскиот претрес, а во теков на следниве денови од ОЈО се очекува да се изјаснат за претставката.

Шефицата на обвинителството за организиран криминал и корупција, откако Муареми ги поднесе претставките се пожали дека се врши притисок врз самостојната работа на обвинителството.