Директорот на „Македонски шуми“: Претпријатието е оставено со долг од 10 милиони евра, а околу 400 дрвосечачи работат од канцеларија

Директорот на ЈП Национални шуми – Здравко Трајанов во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ) обвинува дека претходната власт пред изборите вработила стотици луѓе на огласи за дрвосечачи, а кои сега седат во канцеларија.

Тој вели дека претпријатието било оставено со долг од 10 милиони евра и четири неисплатени плати на вработените, а шумите на милост и немилост.

На прашањето во каква финансиска состојба е претпријатието, вели:

– Претпријатието е во очајна финансиска состојба, затоа што наследивме долг близу 10 милиони евра. Меѓутоа, според моите информации тој долг можеби ќе биде и поголем, затоа што верувале ли не, во дел од подружниците со кои раководам, воопшто не се прави книжење на целокупното финансиско работење и можеме да претпоставуваме дека ќе има и дополнителни да речеме скриени финансиски импути кои ќе се на страна на загубата на претпријатието. Таквото недомаќинско работење во суштина ни претставуваше проблем и во моментот. Овие денови добро е што ќе заврши ребалансот на буџетот. Владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата имаше слух за потребите на нашето претпријатие. Видоа дека сериозна е работата со финансиската дупка и дубиоза која ја наследивме и во прв момент ќе добиеме помош од буџетот на Македонија, тоа се финансиски средства за исплата на заостанатите плати со цел да можеме да ја деблокираме сметката на претпријатието и полесно да ги менеџираме сите останати обврски кон наши соработници: фирми со кои соработуваме и поажурно, по-редовно да ги извршуваме своите активности – вели Трајанов.

Тој додава дека „со години претпријатието било едно од главните места за вдомување на партиски кадар и има превработеност“.

– Во ситуација кога претпријатието било во катастрофална состајба, менеџментот од предходниот состав се ставил во функција на политиката, наместо во функција на претпријатието. Последните огласи за вработување, условно се огласи за вработување на сечачи, дотурачи, редачи на дрво и тоа околу 400 луѓе: еден оглас е за 320, другиот е за 40. Што се случува? На име на сечачи се примаат партиски структури. За само неколку дена, сите тие луѓе кои се примани како сечачи, со исклучок на двајца, тројца во целата држава, добиваат работни налози да бидат во администрација. И сега, имаме ситуација кога на хартија ние имаме условно 320 сечачи, меѓутоа во пракса тоа се вработени луѓе кои се вгнездени во администрација. И сега имаме проблем со тие луѓе. Не сакат да си ги извршуват своите работни задачи. Прифатиле да бидат сечачи, еден дел дури е трагично изманипулиран. Таму се вработени шумарски инженери, шумарски техничари, се понижени да бидат учесници на тој конкурс, само и само да добијат вработување на неопределено време – вели директорот на Национални шуми.