Директорот на ЕСМ, Ковачевски изврши увид во топланата „Исток“ пред почетокот на грејната сезона
Генералниот директор на АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), Васко Ковачевски вчера изврши увид на системот за обезбедување на топлинска енергија за градот Скопје, а пред почеток на грејната сезона, соопштија од Владата.
Ковачевски, како што информираат оттаму, ја посетил топланата „Исток“, која произведува 70 отсто од топлинската енергија за потрошувачите на градот Скопје и која заедно со топланата „Запад“ од оваа грејна сезона е под стопанисување на АД ЕСМ, односно на друштвата за топлинска енергија на ЕСМ.
„Увид беше извршен и во подготвеноста на подружницата „Енергетика“, пред се во однос на текот на активностите за санација на топловодна мрежа во должина од 80 метри во Автокоманда, Општина Гази Баба, заради ефикасна испорака на топлинска енергија“,се додава во соопштението.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски денеска на прес-конференција информираше дека РКЕ ги издала лиценците за регулирано производство, дистрибуција и за снабдување со топлинска енергија на ЕСМ.
Со издавањето на овие лиценци се исполнети сите предуслови што се потребни за започнување на грејната сезона во градот Скопје на 15 октомври.
Бислимоски додаде дека лиценцата за вршење на енергетска дејност за регулирано производство за топлинска енергија согласно одлуката на Владата со која се задолжува ЕСМ продажба е издадена до 30 април 2023 година, лиценцата за дистрибуција е издадена на период од 35 години што е максимален рок од законот за енергетика и лиценцата за снабдување со топлинска енергија е издадена на максималниот рок од 10 години.