Директорката Сервин демантира дека ученици од техничкото училиште од Битола биле во Бугарија

Синоќа дел од медиумите објавија дека ученици од битолското техничко училиште биле во Бугарија, а фондација „Бугарска меморија“ на Милан Врабески кој ги финансира здруженијата „Ванчо Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид, ги претставила учениците од битолското средно Техничко училиште како истомисленици на културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола.

-Тие се во дводневна посета на Софија заедно со директорката на Техничкото училиште „Ѓорѓи Наумов“, Жанета Сервини, како и заменик директорот Љупчо Здравковски. Ова е објавено на фејсбук страната на фондацијата.

Во врска со вчерашната информација проследена на повеќе медиуми бараме денеска да се објави нашиот демант на таа информација.

Имено, категорично ги отфрламе дезинформациите за присуство на ученици од техничкото училиште од Битола во Бугарија. Во Софија бевме отидени јас и заменикот директор Здравковски Љупчо за да воспоставиме Еразмус + соработка со училишта во Софија, како што впрочем е и практиката на сите други училишта.

Со дадената непроверена информација направена е шпекулација со која е нарушен нашиот углед и угледот на училиштето.

Барам од вас и од сите други медиуми да ја повлечат лажната вест и да ја пренесат вистинската информација во интерес на објективноста на информирањето и чувањето на угледот на новинарската професија која во голема мера го креира јавното мислење.