Динамо Загреб во авионот од Атина шверцувал хулиган – син на функционер!

Хрватскиот магазин „Национал“ открива дека Динамо Загреб криел дека со нивниот авион од Атина пренеле и хулиган од Бед Блу Бојс кој бил син на функционер.

На почетокот на август во пресрет на мечот меѓу АЕК и Динамо Загреб се случи голем инцидент во кој животот го загуби 29-годишниот Михалис Кацулис. Тогаш беше одложен и мечот, а многу припадници на навивачката група „Бед Блу Бојс“ завршија зад решетки каде се и денес.

Но, меѓу нив не е Дино Кордиќ, син на Жељко Кордиќ, функционер и пратеник во Собранието на Динамо.

Во Атина, тој наводно и се јавил на првата дама на Динамо, Влатка Перас, а таа испратила двајца мажи да го земат, што тој и го потврдил на полицијата, пишува хрватски магазин.

Според „Национал“ тој по големата тепачка се сокрил во грмушка и успеал да побегне на грчката полиција, а потоа со помош на двајцата мажи да стигне и до експедицијата на Динамо Загреб каде добил облека на хрватскиот клуб и се качил во чартер летот за Хрватска.

За Грција отпатувала делегација од 64 членови на Динамо Загреб, а од таму се вратиле 65 луѓе.

Засега молчат од Динамо Загреб за овој скандал кој го објави „Национал“.