Димовски контра Неделков: Штрајкот не е авантура!

„Сојузот на синдикати му даде безрезервна поддршка на СОНК, се до вчера. Вчера, не ми се допадна излагањето на претседателот Јаким Неделков, бидејќи можеше барем да ја говори вистината до крај и да им каже на просветните работници што ќе се случи доколку штрајкуваат“.

Ова денеска во Утрински брифинг го изјави претседателот на ССМ – Дарко Димовски.

„Синдикатите се актуелни на медиумската сцена, но има и причина за тоа, причината се кризите што се случуваат, а највеќе не погоди оваа воена криза. Навистина во овој момент треба да се помогне на работниците за да ја пребродат оваа хиперинфлација што ни се случува и недостатокот на прехранбени продукти. Секој има право да го оствари штрајкот но мора да кажам – штрајкот не е авантура, она што ќе го ветиш пред работниците како прв синдикалец, без разлика на која гранка припаѓаш треба да го исполниш. Тоа ветување да го базираш врз основа на закони, колективни договори и кога ќе го поведеш членството во штрајк да останеш доследен синдикален лидер и да не се пазариш, туку доследно да ги применуваш законите и колективните договори, односно одредбите кои се пропишани во нив“ вели.

Тој говореше и за поддршката која ССМ му ја даде на СОНК во однос на генералниот штрајк во образованието.

Првиот човек на ССМ рече дека доколку тој бил на место на првиот човек во СОНК – Јаким Неделков, би штрајкувале од 1. септември кога е последниот рок за скалестото усогласување на сите останати плати.

„Ние немаме 6 месеци за чекање и 2.806 денари за линеарно покачување на сите вработени во јавниот сектор и тоа ќе го зафати и образованието, полицијата, војската, администрацијата и целиот јавен сектор. Ние ќе преговараме за нешто што сме ветиле, а бидејќи Јаким Неделков вети 18,4 проценти и сега при секое излегување од Влада вели очекуваме добра понуда. Другари, што правиме ние, преговараме согласно закон и ги туркаме луѓето во штрајк за 18,4 и чекаме од Влада понуда“ смета Димовски.