Димовски: Компаниите треба да знаат дека работниците не се потрошна стока

Економската криза не ги погодува само сопствениците на фирмите. Многу повеќе ги погодува работниците, а особено кај нив предизвикуваат несигурност постојаните закани од компаниите дека ќе отпуштаат вработени поради економската криза, вели Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија на тв 24.

„Стопанската комора вчера соопшти дека фирмите ќе отпуштат 30-50 отсто од вработените бидејќи се соочуваат со економска криза. Треба да се прашаат дали тие работници што ќе ги отпуштат ќе сакаат пак да се вратат во тие фирми. Од друга страна, стопанствениците велат дека немаат доволно рабта сила и дека ќе увезуваат работници од Бангладеш. Компаниите треба да знаат дека работниците не се потрошна стока, а стопанствениците треба да издвојат од своите енормни добивки да ја пребродат кризата“ – вели тој.

Според него, лесно може да се провери колкав екстра профит имаат остварено компаниите во изминатите години и дека моат да издвојат од својот луксуз за да се помине кризата.

„На работникот му е обезвреднета платата. Кај нив е алармантна ситуацијата. Ако се помага, треба да им се помага на работниците а не само на фирмите. Ако се сеќавате, беа откриени и малверзации со субвенциите за корона-кризата кои беа наменети за работниците, а одеа преку фирмите. Ни за ова сѐ уште нема разврска“ – вели Димовски.