„Органите и телата на ССМ одлучија оваа година 1 Мај да го одбележиме со протест, тоа од нас го бараше членството, поаѓајќи од сериозните економски и општествени проблеми во земјата, на кои ние долго време укажуваме и нудиме стручна, сериозна и издржана помош за заедничко дејствување на социјалните партнери и надминување на проблемите. Главното барање е најмалку 2.806 денари нето-износ линеарно зголемување на сите плати во приватниот и во јавниот сектор веднаш, вклучувајќи од општиот работник до претседателот на државата. Бараме од Владата потпишување на Општиот колективен договор за јавен сектор, во кој ќе биде регулирано зголемувањето на платата, како и враќање на изгубеното право на К15“.
Ова меѓудругото во интервју за „Нова Македонија“ го изјави претседателот на ССМ – Дарко Димовски.
Тој во интервјуто напомена дека утрешниот протест е организиран затоа што не се задоволни и бараат:
– повисоки плати, скалесто усогласување на платите со порастот на минималната плата, намалување на сиромаштијата;
– поголем број одржливи работни места, пристојна работа, здрави и безбедни услови за работа, социјална сигурност;
– почитување на човековите права и достоинство без дискриминација;
– наше активно учество во креирање на националните политики и стратегии, по пат на социјален дијалог;
– уредување на нашите права од работен однос со колективни договори како акти во чие донесување активно, стручно и посветено учествуваме затоа што ние го можеме тоа;
– нов закон за работни односи и работноправното законодавство во државата да биде усогласено со европското и светското законодавство.