Димовски: Да не се тактизира, сите плати да се усогласат со минималната!
„Со порастот на минималната плата треба да се усогласат сите плати. Сега на ред се гранковите синдикати кои бараат тоа зголемување да се спроведе. За тоа скалесто зголемување треба да се испреговара со работодавачите. Според законот, работодавачите се должни тоа усогласување да го спроведат во рок од 6 месеци. И тоа се одолговлекува иако ние како работници сме во тешка состојба бидејќи веќе има голема инфлација. Ние бараме да не се тактизира, да го задржиме работникот во Македонија, а не да градиме туѓи економии“.
Ова меѓудругото го вели Дарко Димовски, претседател на Сојуз на синдикати на Македонија во „Утрински брифинг“.
Тој посочува дека во континуитет се разговара меѓу социјалните партнери и заклучокот на ССМ е предлогот да се покачи платата линеарно.
Димовски објасни дека ако на најниската плата има покачување од 2.800 денари, тогаш на сите да им се покачи платата на 2.800 денари.
„Можам да кажам дека на 7. и 8. април УПОЗ ќе имаат штрајк, а денес ќе имаме прес конференција со синдикатот на Пошта чиишто плати се несоодветни, односно има урамниловка на платите само со зголемувањето на минималната плата. Околу 3,6 милиони евра би бил трошокот на Владата за зголемување на платите на јавната администрација“ – вели Димовски.