„Единствен матичен број“ од писателката Лидија Димковска е прогласен за Роман на годината. Во гостувањето на „Трилинг“, непосредно пред да замине за Словенија, таа открива што ја испровоцирало за да го напише ова дело.
– Инспирацијата ја носев со години од мојата прва посета на Кипар, кога всушност сфатив што се поминал тој народ таму со инвазијата од 1974 година и што се случило и што можело потенцијално да се случи со луѓето кои живееле таму – и Грците и Турците. Ми се роди идеја да напишам роман за една Македонка, која што запознала Грк од Кипар, тој дошол во Македонија, тогашна Југославија и да го следам нивниот живот низ премрежјата и на Југославија, и на Македонија, но пред се на нивната лична определба да живеат во Скопје, да имаат две деца, а сепак тој брак да не функционира како што треба, па и целото семејство. Сакав преку тоа дисфункционално семејство да прикажам една приказна која е мошне веројатна и ден денес, вели таа.
Димковска вели дека сакала да го преиспита прашањето за идентитетот, односно за единствениот матичен број кој Никос од Кипар го нема во неговата татковина, меѓутоа го добива кога се преселува во Скопје.
– Сакав да го поставам прашањето дали постоиме, во вистинска смисла на зборот, но исто така и во метафизичка смисла на зборот, тогаш кога имаш ЕМБГ, вели писателката.
Во однос на тоа зошто Димковска трагала и главната преокупација и била егзодусот, откако во последните години смесведоци на перманентно иселување или преселба на народите, писателката вели дека „секоја преселба е еден крст кој треба да се носи“.
– Ниту една преселба не е лесна, а особено ако е од политички или воени причини. Никос Аврам всушност бега од Вароша, кој и ден денес е затворен, односно мртов град, во кој времето е застанато, просторот е таков каков што бил уште во 1974 година, без можност нешто да се промени, односно тоа е една руина од време и простор. И тој бега оттаму, доаѓа во Македонија, се здобива со една нова татковина, земја во која што ќе живее, а сепак и тука не се наоѓа себе си, истакнува Димковска.