
Димитров: Работата не е завршена – сѐ уште има премногу простор за „штелувања“ со вработувањата во здравството
Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“ и Граѓанската сила „Замисли“ ги поздравуваат измените на Законот за здравствена заштита изгласани на 11 февруари во Парламентот, со коишто се укинува дискреционото право на директорот при вработувањата, но тоа не е доволно, потребни се и други измени за конечно да профункционира меритократијата при вработувањето во јавното здравство, велат оттаму. Предлогот за укинување на дискреционото право беше поднесен од пратеничката група на „Левица“ и набргу изгласан со 70 гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“.
Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“ и Граѓанската сила „Замисли“ ги поздравуваат измените на Законот за здравствена заштита изгласани на 11 февруари во Парламентот, со коишто се укинува дискреционото право на директорот при вработувањата, но тоа не е доволно, потребни се и други измени за конечно да профункционира меритократијата при вработувањето во јавното здравство, велат оттаму. Предлогот за укинување на дискреционото право беше поднесен од пратеничката група на „Левица“ и набргу изгласан со 70 гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“.
Од „Солуција“ и „Замисли“ велат дека заедно со Македонското здружение на млади правници, Клубот на млади лекари и Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари веќе три години работат на измените на Законот, и како што вели претседателот на „Солуција“, Никола Димитров, досега работеле со четворица министри за здравство, а само актуелниот министер Азир Алиу ги вклучил во работната група за измените.
„Главна новина со дополнувањето на Законот, што се носеше по скратена постапка, е што со него се укинува дискреционото право на директорите на здравствените установи при вработување кадар во јавното здравство. Сега веќе директорот нема дискреционо право и мора да го вработи најдобро рангираниот. И тоа е добро. Меѓутоа, ранг-листата ја прави комисија составена од директорот. Тоа отвора премногу простор да се прават ‘штелувања’ во фазата на избор на членови на комисијата, којашто подоцна многу веројатно е да одлучува по насоките дадени од директорот“, објасни Димитров на денешниот брифинг за медиумите.
„Малку е потешко да се има целосна контрола врз такво колективно тело. Затоа сакаме да апелираме дека работата не е завршена. А, опасноста е да се направи еден получекор којшто не врши работа до крај, затоа што повторно ќе има премногу можности за влијание на еден човек, на директорот, којшто, пак, е најчесто поставен од владејачката коалиција. Значи, таа партиско-политичка призма е премногу присутна. Ако сега нема јавен притисок, може да се случи да остане на ова и да се смета темата за завршена, а не е завршена“, истакна Димитров.
„Солуција“, „Замисли“ и останатите партнери во иницијативата предложија законски измени по повеќе точки до Министерството за здравство, од каде им ветија дека ќе бидат предложени до Владата, а по усвојувањето во Влада ќе дојдат и тие во собраниска процедура.
Гоце Коцевски од Здружението на млади правници рече дека само во здравствениот сектор сѐ уште директорот досега имаше дискреционо право на оглас да вработи кого тој ќе одбере од пријавените кандидати, а не најдобриот од ранг-листата.
„Нашата првична идеја беше токму тоа што го изгласа Собранието, да се ограничи дискреционото право на директорот. Меѓутоа, преку комуникацијата со луѓето кои што се внатре во здравствените установи, сфативме дека со тоа не сме го решиле проблемот, туку само ќе се промени начинот на којшто недозволените влијанија и понатаму би продолжиле. Значи, ако вие немате јасни правила кој може да биде член во таа комисија и кому таа му поднесува одговорност, многу е нормално да се очекува дека директорот ќе си ги избере оние коишто ќе се согласат со тоа што тој ќе каже и без никаков проблем ќе се избере кандидатот што ‘требало’ да се избере“, рече Коцевски.
Од Министерството за здравство најавуваат нов предлог Закон наскоро, каде што ќе бидат опфатени токму овие клучни барања на невладиниот сектор и затоа е важно процесот будно да се следи и од експерската јавност и од медиумите.