Во интервју за бугарската национална телевизија БНТ, потенцира дека земјава треба да направи сериозни и итни измени на учебниците, а темата за Гоце Делчев конечно да дојде на дневен ред. Вели дека дел од македонските историчари биле под голем политички притисок, а прашањето за евентуален референдум било присутно на разговорите.
-Оваа атмосфера беше заднината на која се одвиваа нашите разговори. Јасно можев да ја видам загриженоста на дел од колегите бидејќи некои од нив рекоа дека се подложени на закани и притисоци ако променат нешто во својата позиција. , вели Ангел Димитров, копретседател на мешовитата комисија за историја.
Претседателот на македонскиот тим, Драги Ѓоргиев во изјава за Канал 5 категорично ги отфрла наводите на бугарскиот колега, чии изјави ги гледа еднинствено како обид да се политизира работата на Комисијата.
-На последната средба, ниту некој од нас се пожали на какви било политички притисоци, ниту прашањето за референдум беше воопшто споменато. Таквите изјави се политички и се во насока на политизација на работата на Комисијата, што само можат да ја нарушат довербата во Комисијата и односите меѓу двете земји, вели за Канал 5 претседателот на македонскиот тим историчари, Драги Ѓоргиев.
За Димитров, пак, за односите меѓу двете земји виновна била долгогодишната антибугарска пропаганда, која и денеска тешко се искоренувала. Македонците, според него, имале кусо паметење, а во студиото ги цитираше и резултатите од последното истражување на фондацијата Конрад Аденауер.
-Според нив, најголемиот непријател на земјата е Бугарија со 44%, а најголем пријател е Србија со 37,4%. Тоа значи дека луѓето таму, кои тврдат дека имаат длабоки историски корени, всушност размислуваат само за периодот по 1944 година. Немаат реални сознанија за тоа што се случувало во првата половина на минатиот век или меѓу двете војни, односно кога населението таму беше прогласено за српско и кога имаше терористички режим. , вели Димитров во интервјуто.
Заедничката комисија досега одржа 20 средби, а од нејзините резултати ќе зависи и напредокот на Македонија во интегративниот процес.