Поранешниот шеф на македонската дипломатија, Никола Димитров обвинува дека власта го злоупотребува европското знаменце во носењето на законите поврзани со Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10д.
–Делегацијата на Европската Унија е против европско знаменце на законите поврзани со коридорите 8 и 10д. Логично, знаменцето е за кон ЕУ, не е за рикверц. Знаменцето служи за олеснување на усогласување на домашните закони со европските стандарди, а не за нивно газење, напиша Димитров на Фејсбук.
Според него, „крајно грдо“ е злоупотребувањето на ЕУ знаменцето.
-Како и целата прилично гротескна “проевропска” реторика на владата, со оглед на владеењето дома, така и знаменцето, всушност се злоупотребува. И тоа крајно грдо. Од една позиција небаре не сме суверена држава, па ќе го суспендираме цел правен систем за градењево, да се злоупотребува ЕУ знаменцето не е ништо друго туку понижување. И на ЕУ и уште поважно, на сопственото граѓанство, вели Димитров.