Димитров: Груевски мавташе со македонско знаме да ја прикрие корупцијата, оваа власт мавта со европско знаме за да го прави истото

Скоро бев на Белградската безбедносна конференција, па потоа и во Тирана на конференција што претходеше на средбата на Берлинскиот процес. Не ни одат работите како што треба. Има безбедносен ризик во регионот, а како ризик се споменува односот Косово – Србија. Светот е во транзиција, од супремација на САД одиме во биполарен свет. Очигледно е дека како цивилизација имаме проблем со глобалното владеење со оглед на е тоа што се случува, вели Никола Димитров, претседател на „Солуција“ на тв24.

– Кај нас политичката динамика на нештата е како серија на Нетфликс во која режисерот претерал оти се случуваат неверојатни нешта. Ние имаме влада која дојде на власт со мото „Нема правда нема мир“. Поранешниот премиер избега во Унгарија, па сега имаме ситуација која претставниците на оваа влада го споменуваат неговото враќање – што не е проблем, проблем е неказнивоста. СЈО пропадна, потоа се измени Кривичниот законик па вчера мајката-случај застари, тоа е случајот со прислушувањето. Имаме тажен крај на надежта на граѓанската иницијатива која требаше да донесе подобро – вели Димитров.

Тој цитираше колумна во Алгемајне цајтунг насловена „Корупција во име на ЕУ“.

Според него, немаме друга опција освен да притискаме за промени оти со обична промена на власта се менуват само имињата а не и состојбите, значи системот мора да се промени и да се темели на способност, а не на партиска припадност.

Димитров потенцира дека судството мора да се исчисти од партиски влијанија.

– Мене ми е фрапантно што се има полна уста Европска Унија, а првиот и основен столб на европската интеграција е расчистување со корупцијата. Груевски мавташе со македонско знаме да ја прикрие корупцијата, оваа власт мавта со европско знаме за да го прави истото – вели Димитров.