Димитровски: Не размислуваме за отворање кампови за враќање на одбиени баратели на азил

Северна Македонија, како и земјите од Западен Балкан, е дел од Европа и нејзините политики, а не простор надвор од нејзините граници. Во таа насока, нашата држава ниту размислува ниту поддржува идеи за отворање кампови за враќање на одбиени баратели на азил. Ова го истакнал заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски

Северна Македонија, како и земјите од Западен Балкан, е дел од Европа и нејзините политики, а не простор надвор од нејзините граници. Во таа насока, нашата држава ниту размислува ниту поддржува идеи за отворање кампови за враќање на одбиени баратели на азил. Ова го истакнал заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски, кој учествува на годишната Конференција за миграции во Виена (Vienna Migration Conference) во организација на Меѓународниот центар за развој на миграциските политики – ИЦМПД.

Во рамки на конференцијата „Западен Балкан: Регионални перспективи за миграцијата и партнерствата“, заменик министерот, Димитровски, учествувал во разговор еден на еден со генералниот директор на ИЦМПД, Михаел Шпенделегер, посветен на предизвиците и можностите што ги носи променливата миграциска слика во регионот, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

-За време на разговорот, беше нагласено дека Западен Балкан се наоѓа на уникатна пресвртница во управувањето со миграциите како регион кој истовремено е место на потекло, транзит и сè повеќе на дестинација за мигрантите. Овој динамичен контекст отвора нови предизвици, но и можности за економски развој, особено во услови на зголемена побарувачка за работна сила и недостиг на работници во клучни сектори, стои во соопштението на МНРиНТ.

Димитровски посочил дека нашата земја активно се прилагодува на новата реалност преку развивање политики за управување со легалната миграција, кои одговараат на демографските и економските потреби на земјата. Притоа, била истакната и важноста од градење партнерства со земјите на потекло за развој на одржливи модели на работна мобилност, подобрување на системите за враќање и намалување на нерегуларната миграција.

Во разговорот било подвлечено дека овие процеси се во согласност со европските иницијативи како што се Пактот за миграција и азил како и Акцискиот план на ЕУ за Западен Балкан, кои го потенцираат значењето на соработката со земјите на потекло во делот на мобилноста, развојот на вештини и управувањето со враќањето на мигрантите.

На десеттата Виенска конференција за миграции присуствуваат повеќе од 250 носители на одлуки, владини претставници, експерти од областа на миграцијата, меѓународни организации, академската заедница и цивилното општеството кои прават напори за поврзување на миграциските текови со најсоодветните стратешки политики и решенија.

На маргините на Конференцијата, заменик министерот Димитровски остварил повеќе средби и разговори со истакнати владини претставници и министри кои учествуваат на конференцијата.