Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Татјана Димитровска на денешната седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, на која се расправаше за Годишниот Извештај за работата на Државната комисија за спречување на корупцијата за 2023 година истакна дека недостигот на буџетски средства, опрема и недоволната екипираност влијаат на функционирањето на Комисијата.
-Извештајот за буџетот ДКСК за 2023 година ги идентификува следните состојби – средствата за плати и надоместоци опфаќаат над 81 процент од целокупниот буџет, средствата за стоки и услуги учествуваат со 16 проценти, додека средствата за капитални расходи се само 3 проценти што покажува дека доколку сакаме подобрување на функционирањето на Комисијата неопходни се дополнителни средства за капитални инвестиции и за тековни потребни на институцијата. Недостигот на средства и опрема значително влијае на функционирањето на ДКСК. Без доволно инвестиции во институционалните капацитети, особено е тешко и предизвикувачки со потребната ефикасност и одговорност да ги исполните нашите законски задолженија, рече Димитровска.
Ова, како што кажа, е особено важно во насока на исполнување на нашата мисија за борбата против корупцијата и осигурување на интегритетот во јавниот сектор.
– Секретаријатот на ДКСК успеа да пополни 47 од планираните 64 работни лица, сепак состојбата покажува недоволна екипираност. Препораките за дополнителни средства за нови вработувања се клучни за подобрување на функционирањето на институцијата во борбата против корупцијата. Извештајот покажува на итно изменување и дополнување на буџетот на ДКСК за да се обезбедат доволно средства кои се неопходни за функционирањето на Комисијата и квалитетот на услугите кои што ги обезбедува, рече Димитровска.
Претседателката на Антикорупциска се пожали оти се соочуваат со предизвици во однос на доставувањето на податоци од институциите кои вршат именувања и разрешувања на именуваните и избрани лица.
-Комисијата се соочи со предизвици во однос на доставување на податоци од органите, односно од институциите кои вршат именување и разрешување што влијаеше и на точноста на податоците во регистарот на избрани и именувани лица, вели Димитровска.
Апелира на редовно ажурирање на податоци од страна на институциите кои вршат избор и именување и кои имаат законска обврска за да доставување на овие податоци со чие непостапување претставува сериозна закана за работата на ДКСК за кое во иднина Комисијата ќе преземе мерки во согласност со законските надлежности.
Дмитровска нагласи дека примиле 649 пријави, започнале проверка на 21 носител на јавна функција, а издале 160 прекршочни платни налози, односно наплатени глоби во висина од околу 13 илјади евра, а решиле 1.139 предмети.
Таа најави дека приоритет во иднина ќе бидат координирани напори да се подобри интегритетот и ефикасноста во правосудниот систем. Како и досега, потенцираа Димитровска, ќе продолжиме неселективно, непристрасно и транспарентно и во овој нов состав со стремежот за ефикасна борба против корупцијата.