
Претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска, да не чека туку да си поднесе оставка од морални причини – е пораката на поранешни антикорупционери и експерти за борба против корупцијата.
Според Снежана Камиловска Трпковска, програмска координаторка на МЦМС, само оставка од страна на претседателката ќе овозможи ДКСК да продолжи да работи според принципите со кои е основана и да ги врати угледот и довербата на јавноста.
„За жал овој состав на ДКСК не успеа да воспостави систем на отчетност во текот на минатата година како што успеа претходната ДКСК, порача Камиловска на дебата за транспарентност организирана од НКЕУ.
Според неа коренот на проблемот е во тоа што моделот на избор, што се покажа успешен за претходниот состав, при изборот на новата ДКСК во 2023 година бил злоупотребен.
-Моделот за избор на членовите на ДКСК обезбеди ова тело да биде натпартиско и натполитичко. Во изборите во 2023 година овој модел беше злоупотребен и имаше политичко влијание така што веќе имаме негативни оценки за резултатите од нивната работа од страна на меѓународните институции, порача Камиловска, нагласувајќи дека недостига и механизам во Собранието за надзор на работата на ова независно тело.
Според Билјана Ивановска, поранешна претседателка на ДКСК кога имаше највисок рејтинг во однос на сите состави досега, фактот дека претседателката на антикорупциското тело е фатена во корупција преставува силен удар и за општеството, и за ДКСК и за граѓаните.
-Сега треба да гледаме како понатаму, порача Ивановска, посочувајќи ги како одговорни Собранието и членовите на самата ДКСК.
-Претседателката мора најитно да си поднесе оставка зошто вака ја инфицира институцијата која мора сега да се прочисти, порача Ивановска.
Владимир Георгиев, поранешен член на ДКСК, исто така смета дека оовинението за Татјана Димитровска влијае на угледот на ДКСК и на довербата што ја има јавноста кон неа, но одговорноста ја гледа како индивидуална а не колективна. Запрашан дали по скандалот оставка треба да си даде само претседателката на ДКСК или целиот состав, тој негираше категорично.
-Дали целата ДКСК треба да се повлече? – сметам дека не треба. Тоа сепак е индивидуална одговорност иако обвинението има влијание врз нејзината работа и врз угледот кај јавноста. Довербата тешко се стекнува, а лесно се губи, а ДКСК сега се на граница на довербата, рече Георгиев сугерирајќи дека клучно сега е дали Димитровска ќе си даде оставка или не.
И тој посочи дека веќе има забелешки во извештаите за нетранспарентноста на институциите од страна на ГРЕКО „буквално во секое поглавје“ и дека со законските измени што се бараат, а со кои таа дополнително ќе се намали (како што бара токму ДКСК), довербата во институциите, вклучувајќи ја и Антикорупциската комисија, дополнително ќе се намали.
Откако беше повикана на распит Димитровска исчезна од јавноста, а ДКСК излезе со соопштение во кое најави дека ќе продолжи со работа како и досега. Сепак, Димитровска со судска наредба нема пристап до документите и до случаите што ги води ДКСК и и е одземена патната исправа. Од ВМРО-ДПМНЕ начелно порачаа дека секој што направил нешто незаконско треба да одговара, но се противат на распуштањето на целиот состав на ДКСК и смена на претседателката што, според проценките на Камиловска, ги избраа со политички влијанија и по свој вкус. Кога се случи сличен скандал со СЈО ВМРО-ДПМНЕ имаше сосема спротивен став кој резултираше дури со затворање на оваа институција.
Јавноста одамна и забележува на Димитровска дека ја затвори ДКСК, дека е нетранспарентна и дека ги штити актуелните функционери, како што беше случајот со скандалот со сертификатите на директорот на АНБ, Бојан Христовски, патувањето на синот на премиерот во Вашингтон и други.