Димитријевиќ: Крај на труењето на граѓаните, Митовски има решенија за проблемите на Гази Баба

➡ Гази Баба е општина со потенцијал, но и со хронично запоставени проблеми. Општина што има потреба од план, а не од изговори. Ние не ветуваме чуда, ние нудиме решение, со разум, со експертиза и со луѓе што знаат зошто се кандидираат, рече Димитријевиќ.

Денес сме тука за да го поддржиме нашиот кандидат за градоначалник, Влатко Митовски, но и да го потврдиме најважното нешто што го носиме како социјалдемократи, а тоа се одговорноста пред граѓаните. Одговорноста да бидеме чесни, доследни и посветени тогаш кога е лесно да се откажеш, но неопходно е да останеш и да се бориш,“ истакна генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ на граѓанскиот собир во Гази Баба.

„Гази Баба е општина со потенцијал, но и со хронично запоставени проблеми. Општина што има потреба од план, а не од изговори. Ние не ветуваме чуда, ние нудиме решение, со разум, со експертиза и со луѓе што знаат зошто се кандидираат“, рече Димитријевиќ.

Тој најави конкретни решенија преку програмата на Влатко Митовски: Санација на Вардариште и негово претворање во претоварна станица за отпад, со што ќе се стави крај на тивкото труење на над 150.000 граѓани. Решенија и за Трубарево, каде што, како што истакна, „секој од нас што го вдишал чадот од последниот пожар таму знае дека не се работи за случајност, туку за системска небрежност. Нов сточен пазар со инвестиција од 30 милиони денари, за фер услови за сточарите и земјоделците и раздвижување на локалната економија“, рече Димитријевиќ.

СДСМ не е само партија, СДСМ сте вие. Оние што останавте и кога беше тешко. Оние што не дозволивте линијата на демократијата да се избрише. Тоа е нашата сила, членството. Ќе одиме од маало до маало, со јасна порака. Ќе зборуваме со граѓаните за да кажеме што е можно, што е фер и што е во нивен интерес, порача Димитријевиќ.

„Ќе ја водиме оваа кампања со чисто срце и со факти. Ќе се бориме за секој човек, за секоја улица, за секој блок, за секое маало каде што има потреба, а никој не слуша. Затоа велиме дека не делуваме ние за СДСМ, туку СДСМ делува за луѓето., потенцираше генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ.