Димитриеска-Кочоска: Продолжуваме со фискална консолидација, буџетскиот дефицит ќе биде понизок од лани

Во однос на фискалната политика, министерката повтори дека Владата ќе продолжи со мерки за намалување на дефицитот. - Во таа насока ќе продолжиме да работиме на фискална консолидација, што значи намалување на буџетскиот дефицит, во услови на променлива економска состојба. Гледаме со какви предизвици се соочуваме во рамките на економската криза, а истовремено ќе работиме на насочување на средствата таму каде што се најпотребни за да оствариме позитивни резултати - изјави Кочоска.

Владата ќе продолжи со мерки за намалување на дефицитот. Буџетскиот дефицит нема да биде повисок од ланскиот, и покрај можните корекции со ребалансот, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, нагласувајќи дека фискалната консолидација останува клучен приоритет.

Во одговор на новинарско прашање по денешната прес-конференција, Кочоска истакна дека во тек се проекциите за ребалансот, но оти насоката на политиките е јасна – контрола на трошењата и одржување на стабилен дефицит.

– Во моментот работиме на проекциите за ребалансот. Чекавме да завршиме со месец мај за да ги согледаме состојбите, а потоа да ги направиме проекциите. Секако, можно е да има одредени корекции како резултат на мерките во рамките на акцизите за нафтата и нафтените деривати. Така што може да има одредени отстапувања, но консолидацијата значи дека нема да имаме буџетски дефицит поголем од оној од минатата година. Многу внимателно се работи на трошењата и обврските се сервисираат навремено – изјави Кочоска.

Таа додаде дека јавната потрошувачка дава резултати, посочувајќи на растот на економијата и потребата средствата да се насочуваат таму каде што се најпотребни.

– Кога зборуваме за јавната потрошувачка, важно е да се погледне нејзината структура, како и фактот дека денес имаме 3,1, односно 3,3 проценти раст на БДП, вклучително и со сезонските прилагодувања. Може да констатираме дека средствата што се трошеле во изминатиот период биле правилно насочени – рече министерката.

Во однос на фискалната политика, таа повтори дека Владата ќе продолжи со мерки за намалување на дефицитот.

– Во таа насока ќе продолжиме да работиме на фискална консолидација, што значи намалување на буџетскиот дефицит, во услови на променлива економска состојба. Гледаме со какви предизвици се соочуваме во рамките на економската криза, а истовремено ќе работиме на насочување на средствата таму каде што се најпотребни за да оствариме позитивни резултати – изјави Кочоска.

Одговарајќи на прашање за наводни доцнења со поврат на ДДВ и државна помош, министерката рече дека според официјалните податоци нема заостанати обврски.

-Според податоците на Трезорот заклучно со 31 мај нема обврски по основ на поврат на ДДВ. Имавме и состанок со Стопанската комора. Дел од компаниите кои реагираа ги поканивме, дојдоа и ја видоа состојбата на лице место. Заклучно со 31.05. нема никакви обврски. Во однос на државната помош, кога во јавноста се појавија информации, директорот на ТРЗ веднаш ме информираше дека кај нив нема никакви неисплатени обврски. Доколку има такви наводи, потребно е точно да се посочи институцијата за да може да се провери – посочи Кочоска.