Димитриеска Кочоска: Капиталните расходи за 2026 се реално проектирани и согласно вистинската реализација на инвестициите

Капиталните расходи за 2026 година се проектирани на реално ниво, засновано врз досегашната реализација и очекувањата за следната година. При оценка на реализацијата на капиталните инвестиции не може целата одговорност да се припише само на Владата, бидејќи често доцнењата произлегуваат од компаниите-изведувачи кои се соочуваат со недостиг на работна сила и други ограничувања, рече вечерва министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.

Капиталните расходи за 2026 година се проектирани на реално ниво, засновано врз досегашната реализација и очекувањата за следната година. При оценка на реализацијата на капиталните инвестиции не може целата одговорност да се припише само на Владата, бидејќи често доцнењата произлегуваат од компаниите-изведувачи кои се соочуваат со недостиг на работна сила и други ограничувања, рече вечерва министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.

-Реалноста е дека сме ги проектирале капиталните расходи на едно реално ниво. Ако ја погледнеме реализацијата на капиталните расходи низ годините наназад ќе видиме дека никогаш реализацијата не била согласно тоа што било проектирано. Ќе видите дека трансфери до јавните претпријатија и до акционерските друштва во сопственост на државата се дефинирани како капитални расходи, појасни министерката во гостувањето во централниот Дневник на МТВ.

Според неа, со примената на новата методологија, според која трансферите кон јавните претпријатија и државните акционерски друштва веќе не се водат како капитални расходи, се добива поквалитетна и реална слика за вистинските инвестиции.

-Имаме и различна методологија која што се користеше. Односно се она што се давало како трансфер кон јавните претпријатија и акционерски друштва не е капитален расход, туку трансфер. Ако ние сега 2025 годна ја споредиме со 2024 година ќе видите дека ние имаме огромна реализација на капиталните расходи, само ако ги споредиме новата и старата методологија за повеќе од 19 отсто со последните податоци од вчера. Значи за 19 проценти имаме поголема реализација на капитални расходи според новата методологија. Што значи дека и покрај тоа што еден дел од трансферите во минатата година биле вклучени во капитални расходи, а сега не се вклучени, повторно имаме раст. Ако ги додадеме нив, имаме над 47 проценти раст на капиталните расходи оваа година, иако повторно не сме до 100-процентна реализација од проекцијата од 47 милијарди денари за 2025 годна, истакна Димитриеска Кочоска.

Министерката укажа и на проблемот со ниската реализација на средствата што институциите ги имаат на сопствени сметки. Во 2025 година, од вкупните 47 милијарди денари капитални расходи, дури 15 милијарди се предвидени од сопствени средства на институциите — сегмент каде реализацијата е најниска.

-Реализацијата на сопствените сметки е нешто што го наметнав кога дојдов како министер за финансии. Зошто? Затоа што кога дојдов прашав какви се состојбите на сметката на буџетот и што е со сопствените сметки. Во моментот кога дојдов 14 милијарди денари стоеја на сопствени сметки на институциите, кои во буџетот не се гледаат и на сметка, и јас како министер за финансии треба да позајмам од банките пари да ги покријам нивните расходи, нагласи министерката.

Таа додаде дека токму поради ова, Министерството за финансии ја воведе обврската институциите да ги трошат сопствените средства за предвидените инвестиции и дека за 2026 година е направена корекција на нивната проекција во буџетот.

-Како министер не можам да се согласам институциите да си ги чуваат на сметка овие средства и да не ги трошат, бидејќи не постојат сопствени приходи и сопствени сметки, сите сметки се на државата или на граѓаните. Не можеме да ги чуваме на сопствени сметки и да не ги трошиме, порача Димитриеска Кочоска.