
Димитриеска Кочоска: Во првиот квартал еврообврзница во два дела од по 500 милиони евра со различна рочност
- Мене ми се падна среќата во следните четири години јас да враќам туѓи обврски, во ненормално високи износи како што е годинава од 700 милиони евра, нешто што можеби можело да се олесни и да се организира на друг начин, рече министерката за финансии.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска денеска потврди дека во првиот квартал годинава ќе биде издадена нова еврообврзница која ќе биде во два дела, но со различна рочност.
– Ќе биде во првиот квартал, работиме на тоа, ќе бидете информирани кога ќе ја започнеме целата постапка. Ќе остане во два дела, две еврообврзници по 500 милиони ера. Ако е помалку од петстотини милиони евра обврзницата не е атрактивна за инвеститорите кои можат да ја продаваат на секундарниот пазар и тогаш цената е повисока, од таа причина се одлучивме за две еврообврзници, рече Димитриеска Кочоска, на новинарско прашање на прес-конференцијата во Владата за пилот фазата на системот е-фактура.
Долго време се размислуваше, дополни таа, дали ќе се оди со една но имајќи го личното искуството, за жал, мене ми се падна среќата во следните четири години јас да враќам туѓи обврски, во ненормално високи износи како што е годинава од 700 милиони евра, нешто што можеби можело да се олесни и да се организира на друг начин.
– Долго време размислував дали тоа е чесен пристап јас да се задолжам денес со 950 милиони евра како што зборувавме и некој следен министер за финансии да биде во уште полоша состојба од тоа што сум јас денес. И сепак професионалноста кај мене ја надвладеа ситуацијата и заради тоа одлучивме да бидат две еврообврзници со различни рочности со цел некој иден министер да има многу подобри услови во кои ќе работи. Да не се секира како ќе ги прибира парите туку да може да работи повеќе и на други работи кои се должност на МФ затоа што не е само Буџетот, или повратот на ДДВ или согласностите за вработување или задолжувањето, рече министерката за финансии.
Средствата се потребни за исплата на Еврообврзницата издадена во 2020 година во износ од 700 милиони евра која доспева во 2026 година.