
Димитриевски: Ќе работам за развој на Куманово
Во изјавата за медиумите Димитриевски рече дека е победа на граѓаните, се заблагодари на вклучените во изборниот процес, се заблагодари на поддршката на граѓаните и во вториот круг и посочи дека ја примил честитката од противкандидатот за која се заблагодари.
Актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски заедно со сопартијците од Движењето ЗНАМ-За Наша Македонија и коалициските партнери од ВМРО – ДПМНЕ слави победа на градскиот плоштад во Куманово.
Во изјавата за медиумите Димитриевски рече дека е победа на граѓаните, се заблагодари на вклучените во изборниот процес, се заблагодари на поддршката на граѓаните и во вториот круг и посочи дека ја примил честитката од противкандидатот за која се заблагодари.

– Ние од ЗНАМ, јас како градоначалник на Куманово ја примив пораката од кумановци. Моја обврска е да продолжам во континуитет да работам за мое Куманово и дополнително да работам ЗНАМ да се етаблира на политичката сцена. Сакам да се заблагодарам на сите коалициски партнери кои дадоа поддршка, тргнувајќи од ВМРО ДПМНЕ и целата владина Коалиција, но пред сè на кумановци кои не се штедеа себе си, излегоа на избори. Што се однесува до нискиот одзив на излезност, порака веќе е сфатена драги кумановчани, ќе продолжиме посветено да работиме исклучиво за вас, изјави Димитриевски.
Тој кажа дека победата не била лесна „со оглед на фактот, бидејќи знаевме кои се имавме на другата страна и кои бизнис и лоби групации го поддржуваа другиот концепт“, но дека победата е јасна.
Во следниот период, Димитриевски најави дека ЗНАМ со коалициските партнери ќе го менаџира градот и двојно ќе реализира проекти за подобрување на животниот стандард, условите, и поголем економски раст на Куманово. Тимот како што најави ќе биде дооформен и Куманово ќе стане главен логистички центар не само во Македонија, туку и на Балканот.
– Ниската излезност е повеќе од јасно дека граѓаните негодуваат, дополнително сметам дека имаа одреден број граѓани кои однапред сметаа дека победникот е познат, како и да е таа ќе биде предмет на анализа, рече Димитриевски, одговарајќи на новинарски прашања.
За него, кажа дека значи незаинтересираност за изборниот процес, што значи дека „нешто не штима“ и во следниот период ќе работи согласно потребите на кумановци.