Претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски денеска гостуваше во емисијата „Аргумент плус“ на телевизијата 24 Вести.
Димитриевски рече дека ЗНАМ очекува уште поголема поддршка на парламентарните избори од страна на граѓаните.
„Прво што ќе промениме, ако дојдеме на власт, е да ја вратиме државата на граѓаните. Бидејќи ние имаме приватна држава, која е наменски кроена и прекроена и за тие што се во актуелната власт, но и за оние коишто до вчера беа власт“, рече тој.
Запрашан како ја замислува СДСМ, Димитриевски одговори дека тој ја замислува ЗНАМ и дека завршил со СДСМ, но искрено жали за членството во таа партија, чесни, некомпромитирани членови со кое поминал многу, со кои се бореле под исто знаме и исти идеи, а коишто денеска се напуштени од раководството на СДСМ.
„Јас ја доживувам ЗНАМ како трета политичка сила, за којашто на следните избори ќе направам се’, заедно со мојот тим, да биде втора политичка сила во државата и да претендира за власт, бидејќи сметам дека ние нудиме исправни политики кои можат Македонија да ја направат држава на сите нејзини граѓани, самоодржлива држава, во која ќе се живее достоинствено и никој нема да сака да си оди затоа што не може да си најде парче леб со квалитетите кои ги поседува“.
Во однос на наводните Ванчомихајловистички коалиции, Димитриевски рече дека:
„Тие што обвинуваат за такви коалиции, дозволиле, кога имале апсолутна власт, пред очи да им се отвараат бугарски клубови со име Ванчо Михајлов и Цар Борис. Подоцна ги забранија, но ни дојде и ни продефилира половина бугрска влада овде и при тоа нашите молчеа.
Нека се обидат тоа да го направат во Бугарија и ќе видите што ќе ги снајде. Ги затвораа очите.“, потенцира тој.
На констатацијата дека и тој ќе ги затвори очите доколку коалицира со ВМРО ДПМНЕ, Димитриевски одговори дека никогаш не ги затворал очите и граѓаните секогаш го почитувале неговиот континуитет и конзистентност во политиката и ставовите кои ги изнесувал.
„Во однос на коалицијата со ВМРО ДПМНЕ, тоа ќе зависи од ставовите по изборите. Првично да се преброиме и одлуките ќе ги донесат органите и телата на ЗНАМ, а дополнително, ние не бркаме власт по секоја цена и можна е опцијата да останеме и во опозиција“.
Тој уште еднаш повтори дека ДУИ е непосакуван партнер, поради тоа што направи невидена мајоризација во Македонија и преку ДУИзација создал слика дека станува збор за масовна албанизација. Според него ДУИ треба да се казни со отсуство од власта за доброто на сите граѓани во Македонија. Димитриевски рече дека казнувањето на ДУИ не значи казна на Албанците поради тоа што тој ги почитува и е нивни градоначалник во Куманово, а тие го поддржале и на изборите за Претседател на Македонија.
Според него треба да се престане со праксата на национална карта да се придобиваат гласовите.
„Јас мојата политика, заедно со мојот тим, ќе ја градам врз база на принципи и доколку Македонија е во ситуација во која треба да се обезбеди стабилност, тогаш партиските интереси ќе бидат во втор план, а националните и државните интереси во прв план.
На Македонија и е повеќе од потребно национално, македонско обединување по примерот на Албанците, кадешто заедно ќе седнеме во иднина да ги решаваме сите отворени прашања“.
Во интервјуто Димитриевски уште еднаш го потврди официјалниот став на ЗНАМ во врска со вториот круг на претседателските избори, каде што врвен државен приоритет на Движењето ЗНАМ За наша Македонија е да се избере Претседател на Македонија.
Тој ги повика граѓаните масовно, во што поголем број да излезат на гласање и да го поддржат кандидатот за Претседател по сопствено убедување.
Исто така ги повика граѓаните да ја дадат поддршката за Движењето ЗНАМ-ЗА наша Македонија на Парламентарните избори и да го заокружат бројот 7.
Истакна Димитриевски,меѓу другото, гостувајќи во емисијата „Аргумент плус“ на телевизијата 24 Вести.