Кумановскиот градоначалникот – Максим Димитриевски во божиќно интервју за кумановската ТВ Плус вели дека очекува соработка во Советот на општината од сите политички субјекти.
„Веднаш по завршувањето на локалните избори одржав прес-конференција кадешто резултатите беа видливи. Повикав на едно сеопшто обединување, консензуално обединување во советот, ги повикав сите политички субјекти да влезат во следното мнозинство на советот и да ја оставиме политиката да се води на централно ниво. Не наидов на разбирање, особено не кај моите поранешни сопартијци кои веднаш ад-хок го отфрлија предлогот, а мислам дека дури и на седницата при избор на претседател на совет,
сегашниот претседател на совет излегоа со став дека нема да дадат поддршка на квази социјалдемократи, а идеолошкото убедување го носиме сите ние поединечно и нас не може никој да ни го наметнува. Има место и простор за сите, бидејќи сакам да излезам од тој стереотип дајте да го поделиме колачот, да видиме кој, за кого, што има. Сакам да воведам нов принцип на менаџирање и управување со градот. Дајте да видиме кои се идеите и проектите, да ги ставиме на маса и заеднички да ги реализираме.
Тие се проекти кои првенствено треба да бидат во функција на сите наши граѓани, а не во функција на политичките субјекти коишто ние ги претставуваме, бидејќи на крајот граѓаните со нивното однесување и искажување на јасниот став на последните локални избори рекоа дека препознаваат еден таков концепт и дадоа поддршка на еден граѓански концепт“ – потенцираше Димитриевски.
Тој посочи дека ова е можеби еден од првите примери во државата кадешто имаше избор на кандидати за советници, за градоначалник, којшто излегува од партија која е на позиција на власт и оди со еден граѓански концепт и добива висока поддршка, истакнувајќи дека тоа за Димитриевски е обврска повеќе кон граѓаните да продолжи да работи уште помакотрпно, да создава поквалитетен тим, којшто ќе размислува деноноќно на Куманово како да се развива, како да ги менаџира општинските ресурси и средства, да се намалат загубите, да се покачи продуктивноста и да се покаже дека може поразлично да функционира од она што било функционирањето во минатото, не само во нашата општина, туку генерално во државата. И притоа, водејќи сметка на локалните интереси, интересите на граѓаните, но, секогаш ставање на државниот, националниот, граѓанскиот интерес пред било кој партиски.
„Промените се позитивна работа. Во рамки на првиот мандат ги детектирав сите пропусти во јавните претпријатија и во рамки на функционирање на општинската администрација. Кај директорите постапката оди многу полесно, бидејќи се поставуваат и разрешуваат со решенија, додека во рамки на раководните структури на општината имате закон за државни службеници којшто на некој начин ги штити одредени поединци коишто според мене не ја извршуваат во целост својата работна обврска и некако работата во општината ја доживуваат како еден вид повеќе на забава, отколку на одговорност. Се обидувам во соработка со општинските служби, секретарот и дел од раководителите да им објаснам на вработените во
општината дека тие се професионална администрација којашто мора да биде во функција на граѓаните. Кога ќе влезе граѓанинот во општина мора да излезе задоволен со нивото на професионалната услуга којашто ја добил. Нашата цел е да имаме комплетно професионална администрација, а не партиски оптеретена, којашто ќе дава еднакви услуги на сите, бидејќи сум градоначалник на сите граѓани без разлика кој на која политичка, верска и етничка припадност припаѓа. Тоа мора да го разберат сите вработени во општината“, изјави Димитриевски.
За изборот за нов претседател на СДСМ, Димитриевски му посака на Димитар Ковачевски успех и порача дека неговиот став го кажал, а тоа е дека на Социјалдемократскиот сојуз му се потребни структурни целосни реформи и не му се потребни игри кои ќе бидат во сенка на претходниот лидер или пак ќе бидат продолжена рака на истите.
„Како и да е, човекот заслужува време за да му се даде шанса. Јас разговарам со многу луѓе кои се инволвирани во политика, секогаш сум отворен да седнам на маса и да разговарам со било кој во политичкиот живот, бидејќи политиката е сепак дијалог и се базира врз база на одредени компромиси, но тука сакам да потенцирам барем во овој момент јас не видов ништо различно во ставовите на Ковачевски во однос на претходните ставови коишто господинот Заев или најголем дел од лидершипот на СДСМ ги имаше во минатото. Доколку постои спремност кај Ковачевски да се изедначат нашите ставови, бидејќи моите ставови беа по многу прашања, особено по стратешките прашања, стратешките национални
интереси на државата и заштита на македонскиот идентитет и интерес беа диаметрално спротивни со делот на поранешното раководство, тогаш сум подготвен да седнам и да разговарам, во спротивно сметам дека доколку се работи за исти ставови ние немаме една иста појдовна точка на разговор“ – рече Димитриевски.