Прашан како гледа на тоа што претседателот на Собранието, Африм Гаши свечената заклетва ја даде прво на албански јазик, Димитриевски одговори оти верува дека станува збор за грешка, пропуст на протоколот и службите.
-Новиот претседател на Парламентот погреши, но искрено верувам дека е тоа пропуст на протоколот и службите. Не сакам да верувам дека тоа беше свесно и намерно сторено, бидејќи доколку влегува со една таква намера и таков наратив, само ќе не наврати во едни веќе видени времиња. Мислам дека не треба да се игра на тој план и да се фрустрираат македонските граѓани. Сметам дека времето на „дуизација“ која што се претстави во јавноста како албанизација на Македонија треба да биде минато, рече Димитриевски.
Во однос на најавена претставка од страна на министерката за култура поради изјавата на Гаши на албански јазик, Димитриевски рече дека оваа реакција на министерката е изненадувачка, посочувајќи дека таа не реагирала на истите ваквите пропусти кои се случувале во минато. Посочи дека станува збор за чисто политиканство и популизам.
-Ме изненадува реакцијата која што дојде од страна на актуелната министерка за култура, бидејќи имаа таква можност да реагираат и на самата седница. Гледам чисто една политика, бидејќи такви моменти и такви пропусти во минато, кршење на Уставот, ги имало на тон и ниту еднаш збор не кажаа за тоа. Во ова гледам чисто политиканство и популизам, каде што се обидуваат да се оправдаат за сите работи кои во минатото ги работеа, рече Димитриевски.
Во врска со свечената изјава на претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова која не ја употреби придавката „Северна“, Димитриевски рече дека во официјалната комуникација мора да се користи официјалното име на државата, но дека почнувајќи од обичен граѓанин до претседател на државата никој не може да забрани да се користи Македонија или македонски.
-Овој договор го поддржував во рамките на иницијативата за референдумот, но не гласав за промена на името бидејќи не бев во Парламентот, и со таквиот исход на референдум немаше да се изјаснам позитивно. Но, тој е на сила веќе и мора да се почитува. Никој не може како на граѓанин на оваа држава, репрезент, претставник, почнувајќи од обичен граѓанин се до претседател на државата да ви забрани да користите Македонија, македонски. Но, јас секојдневно како градоначалник и многу мои колеги дури и од ВМРО-ДПМНЕ потпишуваме акти и документи на кои што пишува Северна Македонија, Во официјалната комуникација вие сте должни согласно Уставот да го користите тоа име. За мене секогаш ќе биде Македонија како и да потпишам, рече Димитриевски.