ДИК им ги одзеде акредитациите на осуммина набљудувачи поради агитирање

На овие лица ДИК им издала акредитации за набљудување, согласно доставените податоци до нас и констатиравме дека овие лица го пречекориле Кодексот за набљудување за лица кои треба непристрасно да се однесуваат на гласачките места и вршеле агитирање на гласачките места – изјави претседателот на ДИК, Борис Кондарко.

Државната изборна комисија донесе одлука за одземање на акредитациите на осуммина домашни набљудувачи затоа што постапиле спротивно на Изборниот законик и на Кодексот за набљудување.

Станува збор за домашни набљудувачи во општина Шуто Оризари, за кои во текот на денот ДИК добила пријава за злоупотреба на беџовите за домашни набљудувачи, односно агитирање во училиште пред гласачките места.

На овие лица ДИК им издала акредитации за набљудување, согласно доставените податоци до нас и констатиравме дека овие лица го пречекориле Кодексот за набљудување за лица кои треба непристрасно да се однесуваат на гласачките места и вршеле агитирање на гласачките места – изјави претседателот на ДИК, Борис Кондарко.

Тој посочи дека ДИК го известило МВР за овој настан, бидејќи тие агитирале надвор од гласачкото место, каде ДИК не е надлежна.

По одземањето на акредитациите, додаде Кондарко, ќе ја известат Општинската изборна комисија во Шуто Оризари и избирачките одбори да не им дозволуваат влез на овие лица во избирачките места и во објектите на гласање, односно дека не смеат да се повикуваат на акредитациите и на беџовите кои претходно им се дадени од ДИК.

ДИК расправаше и по два приговори за остварување на правото на глас, при што во двата случаи утврди дека лицата се запишани во Избирачкиот список и до 19 часот можат да го остварат своето право.

Едниот приговор беше поднесен од лицето Трајче Камчев од општина Центар и, како што беше посочено, по проверката на стручната служба е утврдено е дека лицето е запишано во Избирачкиот список на избирачкото место 1354 во Општината, поради што приговорот е одбиен.

Членовите на ДИК расправаа и по приговор стигнат по електронска пошта од лицето Ќемал Исмаилоски од Кичево, кој приговара дека не бил пронајден во уредот за биометриска идентификација.

Приговорот, освен до ДИК е испратен и до Народниот правобранител и до државното Обвинителство. Кондарко посочи дека по проверката на стручната служба и на ИТ секторот е утврдено дека лицето е запишано во Избирачкиот список и во уредот за биометриска идентификација.