ДИК: Во прв круг избрани 43 градоначалници, втор круг ќе има во 33 општини, во четири ќе се повтори изборниот процес

Во 43 општини во државата гласањето е завршено во првиот круг за избор за градоначалници, во 33 ќе има втор круг, а во четири општини ќе се повтори првиот круг поради недоволен цензус. Излезноста на локалните избори е 46,63 проценти, односно на изборите излегле да гласаат 854.620 граѓани, ги објави вечерва Државната изборна комисија првичните официјални резултати од Локалните избори одржани на 19 октомври.

Во 43 општини во државата гласањето е завршено во првиот круг за избор за градоначалници, во 33 ќе има втор круг, а во четири општини ќе се повтори првиот круг поради недоволен цензус. Излезноста на локалните избори е 46,63 проценти, односно на изборите излегле да гласаат 854.620 граѓани, ги објави вечерва Државната изборна комисија првичните официјални резултати од Локалните избори одржани на 19 октомври.

Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, соопшти дека согласно примените оригинални записници од сите ОИК во текот на денешниот ден, во 33 општини за две недели на 2 ноември ќе има втор изборен круг за избор на градоначалник. За градоначалник на Град Скопје во вториот круг ќе одат Амар Мециновиќ од Левица и Орце Ѓорѓиевски од Коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ.

-Во вториот изборен круг за победник се смета оној кандидат кој ќе освои повеќе гласови, нема цензус, рече Кондарко.

Во четири општини каде што не се исполнети законските услови за излезност од законскиот минимум од една третина од запишаните избирачи на ниво на општина, ќе се повтори целиот прв изборен круг и тоа во рок од 60 дена од денот на објавувањето на конечните резултати.

Повторување на првиот круг на избори поради недоволен цензус ќе има во Гостивар, во Маврово и Ростуше, Врапчиште и во Центар Жупа.

ДИК вечерва ги соопшти и освоените советнички мандати по општини на Локалните избори.

-Со тоа ДИК ги објави целокупните првични официјални резултати од гласањето на локалните избори за избор на градоначалник на општините, за советници во општините, како и за избор на градоначалник на Скопје и за Советот на град Скопје. Рокот за приговори за сумираните резултати тече 48 часа почнувајќи од 22 часот вечерва, завршувајќи во среда на 22-ри, до 22 часот, рече Кондарко.

Тој потсети дека во меѓувреме од вчера тече и рокот за постапката за евентуални приговори за текот на гласањето.

-Тој рок започна од вчера од 19 часот и завршува до утре, вторник во 19 часот. Приговорите се поднесуваат директно до ДИК. Поднесување приговори по пошта и по електронска пошта не се дозволени, потенцира Кондарко.

ДИК вечерва како неосновани ги отфрли приговорите за наводни нерегуларности во изборниот процес поднесени од Група избирачи Билјана Ивановска за градоначалник на општина Центар и на Група избирачи Јане Димески за советничка листа за општина Центар.

Претходно ДИК ја затвори 147 седница, која беше започната завчера, бидејќи како што кажа претседателот на ДИК, Борис Кондарко, во меѓувреме нема пристигнато нови приговори по однос на заштита на лично избирачко право.