ДЗР: Алармантен одлив на мозоци од Македонија
Секојдневно некој си ги пакува куферите и заминува од државата, а бројките на последниот извештај на Државниот завод за ревизија, покажуваат алармантен губиток на таленти, а државата губи над една милијарда евра годишно.
Во странство од 2013 до 2022 година, според ревизија, заминале 7861 лице.
Од нив 719 биле високообразовани.
Далеку пофрапантни се бројките на Македонци кои престојуваат во странство, покажуваат податоците на меѓународните организации наведени во извештајот.
Македонија е во топ 20 земји со најголеми миграција, според ИОМ. Речиси 40 отсто од високообразовниот кадар ја има напуштено државата, наведува Светска Банка. На Индексот на одлив на мозоци на Global Economy пак државата е на високото петто место од 41 европска земја.
„Спроведените ревизорски активности и обезбедените ревизорски докази овозможија да стекнеме разумно уверување дека активностите на Владата како носител на политиките за управување со миграцијата не се доволно ефективни за намалување на одливот на високообразовниот кадар од државата“, наведува Државен завод за ревизија.
Недостатокот на стратегија за управување со високообразовани кадри, доделување на стипендии за студии во странство без анализа кои програми се од јавен интерес се дел од проблемите, при што одливот на мозоци со кој се соочува државата во последните децении има сериозни економски последици.
„Во текот на ревизијата беше ангажиран експерт кој изврши студија/истражување чии проценки покажуваат дека во периодот 2013-2021 година од државата просечно годишно мигрираат по околу 2.500 високообразовани кадри, за кои државата просечно годишно инвестирала по околу 5 милијарди денари или вкупно за анализираниот период потрошила 44,7 милијарди денари, односно околу 725 милиони евра“, се додава во извештајот.
Тоа што тие луѓе не се тука да трошат, ја намалуваат економија за 0,8 отсто, односно 109 милиони евра годишно. Да останеле да работат во земјава, би создале 5,15 отсто од БДП, односно над 700 милиони евра, а тоа што државата потрошила за нивното образование а тие работат на друго место се проценува на 3,19 отсто од БДП, па вкупната штета се проценува на 8,34 отсто од БДП, односно 1 милијарда и 140 милиони евра годишно.
Во меѓувреме МОН финансирал 156 стипендисти на студии во странство, а вкупно за оваа намена биле потрошени околу 11 милиони евра.