ДЗР: Активностите за поддршка на туризмот се реализирани во обем од 9,96 проценти

Државниот завод за ревизија (ДЗР) во ревизија на финансиското работење и усогласеноста на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот за 2023 година утврдил слабости и недоследности кои укажуваат на потреба од подобрување на финансиското управување, зајакнување на контролите и целосно почитување на законската регулатива.

Државниот завод за ревизија (ДЗР) во ревизија на финансиското работење и усогласеноста на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот за 2023 година утврдил слабости и недоследности кои укажуваат на потреба од подобрување на финансиското управување, зајакнување на контролите и целосно почитување на законската регулатива.

Како што соопшти денеска ДЗР, во текот на 2023 година, Агенцијата има реализирано вкупно 80.379 илјади денари за субвенционирање на организиран туристички промет, промоција и унапредување на туризмот, вклучувајќи учество на меѓународни туристички саеми, спроведување медиумски кампањи на странски пазари, функционирање на АППТ и др. Анализата на реализацијата на Програмата за промоција и поддршка на туризмот на АППТ за 2023 година, според ДЗР, покажува нерамномерна распределба и реализација на средствата по програмски компоненти, односно намалување на средствата за клучните функции на Агенцијата – промоција и поддршка на туризмот, за сметка на значително зголемување на средствата за субвенционирање на странски туристички промет. Овој дисбаланс, особено во делот на маркетинг активностите, посочуваат ревизорите, негативно влијае врз интернационалната видливост на државата како туристичка дестинација и ја ограничува можноста за зголемување на туристичкиот промет и девизниот прилив.

Од планираните средства за 2023 година, субвенционирањето на организиран туристички промет е реализирано со 99,94 проценти, промотивните активности се реализирани 86,41 процент, додека активностите за поддршка на туризмот се реализирани во обем од 9,96 проценти.

Со спроведената ревизија констатирано е и дека не се преземени доволно активности за поттикнување на рамномерен туристички развој, особено во туристички неразвиените региони. Дополнително, стои во соопштението, недостига анализа за потенцијалите на домашниот туристички пазар, сѐ уште не е воспоставен единствен туристички информационен систем, а соработката со единиците на локалната самоуправа е ограничена и недоволно координирана.

Иако постојат повеќе стратешки документи на различни институционални нивоа, ревизијата укажува и на слаба меѓусебна координација, што доведува до преклопување на активности, фрагментиран пристап и недоволно ефикасно користење на туристичките потенцијали во државата. Утврдени се слабости во имплементацијата на надлежности на АППТ од Законот за планински патеки со кој се уредуваат условите за нивно користење, одржување и категоризација. АППТ има повеќе надлежности, вклучително и предлагање Национална мрежа на патеки и водење регистар. Започнати се активности за воспоставување на оваа мрежа и доставен е предлог до надлежни институции, од кои дел имаат дадено позитивно мислење, а други немаат доставено одговор или доставени се забелешки. Поради недовршената постапка и недостаток на елаборати, обврските на АППТ не се реализирани. Во 2021 година, МЖСПП има започнато постапка за измена на Законот, но досега не е постигнато конкретно решение.

Ревизорите констатирале и дека АППТ има донесено само три одлуки за основање туристички развојни зони, согласно надлежностите утврдени со Законот за туристички развојни зони од 2012 година. За една (во Дојран) е извршена објава на оглас за јавно наддавање за отуѓување на земјиште, меѓутоа заради не доставени понуди, постапката за отуѓување не е реализирана.

– Сарај – езеро Треска Комисијата за спроведување на постапка за јавно наддавање се соочила со законски и административни пречки, а Владата нема дадено понатамошни насоки за постапување. Недостатокот на финансиски средства и човечки ресурси ја попречува АППТ во исполнување на нејзините надлежности, со што се доведува во прашање реализацијата на целите на законот – развој на туризмот, зголемување на конкурентноста и вработувањето. Со Законот за автокампови се уредуваат основањето, користењето и управувањето со автокампови, со цел развој на туризмот преку привлекување домашни и странски инвестиции. Надлежностите за основање, развој и следење на автокампови и надзор над спроведување на законските одредби се доделени на АППТ. Владата донела две одлуки за основање автокампови – во Општина Велес и Општина Петровец. За Велес е подготвена урбанистичка документација, но не е започната постапка за отуѓување на земјиштето, додека за Петровец истата документација е во изработка, покажува извештајот.

ДЗР наведува и дека АППТ се соочува со проблеми во имплементацијата на законот, особено околу усогласувањето со Законот за градежно земјиште, дефинирањето на надлежности, постапката за јавно наддавање и категоризацијата на автокампови. Врз основа на тоа, Владата ја усвоила доставената информација од АППТ и го задолжила Министерството за транспорт и врски да формира работна група за измена на законот, но, според ревизорите, досега нема преземено конкретни активности. Овие состојби го попречуваат исполнувањето на целта на законот – развој на туризмот преку автокампови.

Со ревизијата е утврдено и дека АППТ не е во можност да ги користи средствата со кои располага на сметката, доделени со Законот за игрите на среќа и за забавните игри, а причина е неодобрен буџет од страна на МФ. Согласно Законот за игрите на среќа и за забавните игри секоја година до 31 јануари на сметка на АППТ, во рамките на Трезорската сметка се распределуваат средства во висина од 7 проценти од уплатените средства од посебните давачки од игрите на среќа. Иако АППТ салдото на сметката на основен буџет (631), на 31.12.2023 година изнесува 320.686 илјади денари, со буџетскиот циркулар за 2023 година од побараните 60.000 илјади денари, од страна на МФ одобрени се само 40.500 илјади денари. Истите се реализирани за субвенционирање на странски туристички промет, а останати се неисплатени обврски во износ од 7.792 илјади денари. Заради неодобрен буџет од страна на МФ, АППТ не е во можност да ги користи средствата со кои располага на сметката, доделени со Законот за игрите на среќа и за забавните игри, стои во извештајот.

Заради отежнато следење и контрола од страна на одговорните за контрола и потпишување на документацијата, како и чувањето на документацијата, ревизијата укажува на потреба од воведување на дигитализација на постапката на субвенционирање.

Во рамки на проектот „АБОВЕ“, со вкупен буџет од 167.803 евра (85 проценти ЕУ-финансирање, 15 проценти национално кофинансирање) ревизијата утврдила дека АППТ не обезбедила навремена документација и средства за плаќање на сите фактури пред крајниот рок од завршување на проектот (31.12.2023 година), поради што не се повлечени сите средства од ЕУ, а преостанатите обврски во износ од 5.888 илјади денари ќе треба да се подмират од сопствениот буџет, што негативно ќе влијае врз финансиската состојба на АППТ.

-Во 2023 година, АППТ евидентирала обврски во износ од 1.830 илјади денари врз основа на договор за медиумско емитување во рамки на проектот „АБОВЕ“, за што, како што соопшти, не е обезбедена соодветна поткрепувачка документација. АППТ, склучила договор за јавна набавка во вредност од 1.230 илјади денари за интензивна промоција на туристичкиот потенцијал во рамки на проектот „АБОВЕ“, со цел да се информираат најмалку 50 000 потенцијални туристи преку Google Ads, YouTube, LinkedIn, Twitter и Facebook. Ревизијата утврдила отстапување од договорните обврски и укажува на непочитување на процедурите за јавни набавки. Исто така со ревизијата е утврдено дека иако се изработени апликација за паметни телефони и официјална веб-страница во рамки на проект од прекугранична соработка, но не се во функција по истекот на периодот за одржување (12, односно 18 месеци). АППТ не презела активности за нивно понатамошно одржување, иако според договорот, релевантната проектна документација треба да биде достапна најмалку до крајот на 2026 година. Ваквата состојба, наведува ДЗР, го доведува во прашање принципот на одржливост и исполнување на договорните обврски.

Дополнително, стои во информацијата, констатирани се слабости во финансиското работење, управувањето и контролата, кои укажуваат на потреба од неодложно унапредување на интерните процеси и системот на внатрешни контроли. Неусогласеност на сметководствената состојба, отсуство на клучни евиденции и процедури, недоследна примена на прописите и нефункционалност на Советот во носењето на програмски документи.