Дефектот на владиниот авион се случил на 3 декември, од Владата сметаат дека треба да се купи нов

За време на подготовката на авионот за лет кон Скопје и редовните активности и проверки на аеродромот во Стокхолм утврдена е неисправност на едниот од двата инструменти кои покажуваат температура на издувните гасови од моторите.

Владиниот авион со кој претседателката Гордана Сиљановска-Давкова требаше да лета за Париз на отварањето на реновираната катедрала Нотр Дам, се расипал на 3 декември. Со него патувал претседателот на Собранието Африм Гаши во Стокхолм, Шведска. За време на подготовката на авионот за лет кон Скопје и редовните активности и проверки на аеродромот во Стокхолм утврдена е неисправност на едниот од двата инструменти кои покажуваат температура на издувните гасови од моторите, објави порталот Сакам да кажам.

– Според прописите на производителот, неисправноста на еден таков инструмент не дозволува летачка операција ниту стартување на моторите се до негова замена. Нов инструмент стигна на 4 декември и веднаш по неговата замена и проверка, авионот е вратен во Скопје. Се прават додатни анализи и испитувања за со сигурност да можеме воздухопловот да го пуштиме во погон. Секогаш кога воздухопловот бил во погон бил целосно исправен и безбеден, изјави директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата Ивица Томовски.

Томовски во изјавата за Сакам да кажам наведува оти смета дека како држава треба да набавиме нов владин авион.

-Од 2017 до сега сме потрошиле околу 3,5 милиони евра за поправки. Сметам дека треба да се купи нов авион и за тоа сум спремен да дискутираме во Собранието и да има консензус од сите политички партии. Сум разговарал со поранешните директори на Службата и сите сметаат дека ваква набавка е неопходна. Авионот покрај тоа што е стар, е и мал. Има место само за шест патници, што значи дека често не ја собира ни цела делегација, па придружбата на високите државници мора да оди со комерцијални летови, што е ем неефикасно, ем често пати и поскапо. Нам ни треба бизнис авион кој има најмалку 15 седишта, вели Томовски.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, како што соопшти синоќа нејзиниот Кабинет, не замина во Франција на церемонијата на отворањето на реновираната катедрала Нотр Дам во Париз, поради дефектот на владиниот авион.