Детето кое паднало од автомобилот кој излета во Вардар, не е во животна опасност

По тешката сообраќајната несреќа во која попладнево автомобил излета од патот кај селото Рашче и падна во Вардар, луѓе кои се нашле на местото пронашле четиригодишно дете кое било во автомобилот, а според неофицијални информации, излетало од возилото пред тоа да падне во реката.

Извлечено е возилото кое попладнево излета во Вардар во близина на село Рашче и од него се извадени тела на три женски лица. Потрагата по четврто машко лице кое најверојатно излетало од возилото во водите на Вардар продолжува, соопшти вечерва директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов.

Претходно МВР информираше дека случајни минувачи донеле четиригодишно дете во ГОБ „Св. Наум Охридски“ кое потоа е пренесено во Клиничкиот центар во Скопје и е во стабилна состојба. Според неофицијални информации, детето паднало од возилото пред тоа да излета во реката.

Според директорот на Клиниката за детска хирургија, д-р Лазо Јовчески, детето нема повреди кои би му го загрозиле животот.

Инаку, во извлекувањето на автомобилот била вклучена екипа на САЕ Тигар. На местото на настанот се присутни јавен обвинител, полициски и екипи на Итната помош и локални жители.

Несреќата беше пријавена во СВР Скопје во 16 часот и како што соопшти МВР претходно на локалниот пат за с.Рашче патничко возило излетало од патот и паднало во Вардар.