
Две третини од граѓаните не веруваат дека во Македонија може да се добие фер и правично
судење а близу три четвртини се на ставот дека законот не важи подеднакво за сите, покажува
последната анкета која за Детектор ја спроведе Институтот за политички истражувања – Скопје.
Според неа, 65,7% од граѓаните се на ставот дека Во Македонија не може да се добие фер и
правично судење додека во спротивното се убедени 19,3%.
Македонците и етнички Албанци комплетно различно гледаат на ова прашање, иако во
мнозинство се согласуваат дека фер судење во Македонија не може да се добие. Сепак додека
ваков став делат 73,2% од Македонците, „само“ 42% етнички Албанци сметаат дека не можете да
добиете фер судење за разлика од 32,7% кои се на ставот дека во Македонија може да ви биде
судено во фер постапка.
Близу 80% Македонци сметаат дека судството не е ефикасно, ваков став делат само 46%
етнички Албанци.
Генерално гледано, граѓаните имаат многу мала доверба во правосудниот систем.
Во судството доверба имаат само 24% додека не му веруваат точно 70% од анкетираните.
Тука некаде се и бројките за обвинителството.
Тоа има недоверба кај 67% од анкетираните
додека му веруваат 25%.
Во народниот правобранител доверба имаат 35% од граѓаните, а недоверба 50,4%.
75,3% од анкетираните сметаат дека македонското правосудство не е независно додека само 11%
сметаат дека тоа е отпорно на надворешни влијанија.
Истражувањето на јавното мислење за Детектор го спроведе Институтот за политички
истражувања Скопје врз репрезентативен примерок од 1115 испитаници во периодот од 01 до 04
февруари оваа година.