Деспотовски: Оставката на Ковачевски е задоцнет чекор, очекувам оставки од целото раководство на СДСМ

Јован Деспотовски, актуелен директор на ТИРЗ и член на раководството на СДСМ од медиумите вчера дознал за оставката на Димитар Ковачевски од лидерската позиција во СДСМ и смета дека е задоцнет чекор, но сепак во вистинска насока.

„Како член на СДСМ вчера добив информација дека партискиот претседател има поднесено оставка, што е задоцнет чекор, но чекор во вистинска насока. Мораше да се случи многу порано. Очекувам овој чекор да го следат и сите останати членови на раководството на партијата за да може веднаш да се премине во делот на отворена дискусија за тоа кои се причините за овој резултат, катастрофален дебакл. Факт е дека бројот на гласови е на историски минимум за жал. Мора да гледаме како понатаму“, рече Деспотовски во емисија на ТВ24.

Пред партијата сега е предизвикот да се консолидира и да се позиционира во собранието како сериозна опозициска партија.

„Треба да си дозволиме да зборуваме за позитивни работи во целата оваа ситуација за СДСМ. Она што дава надеж ако сме доволно мудри и доблесни во овој период е да продолжиме напред и да станеме повторно политичка сила во државата. Една од добрите работи во целата ситуација е што СДСМ остана една од најголемите политички партии во државата по овие избори. Факт е дека по бројот на гласови сме пред политичката партија ДУИ. Важно е СДСМ да се позиционира како сериозна водечка опозициска партија. Ако се базираме на принципи, вредности и на политики коишто треба повторно да ги презентираме пред граѓаните и да ги поттикнеме да не слушаат па потоа да ја вратиме довербата. Треба да си ги заслужиме местото“, рече Деспотовски.

По вчерашната оставка на Ковачевски можно е повторно да влезе во трката за претседател на партијата.