Деспотовски: Нови 1.000 работни места во ТИРЗ, има договори за инвестиции од 240 милиони евра

Над 15.000 вработени во Зоните, постигнати договори за инвестиции од над 240 милиони евра како и договорена најголемата инвестиција досега од основањето на ТИРЗ од 126 милиони евра на германски Гересхајмер се клучните достигнувања и ефекти од работењето на ТИРЗ во првите шест месеци од 2022 година.

„За првпат во јуни ја поминавме границата од 15.000 вработени во зоните, што е за 1000 нови работни места само од почетокот на годинава. Ова се веќе првите ефекти од инвестициите кои ги постигнавме минатата година, а со кои се предвидува отворање на над 2700 работни места во следниве години. Успеавме да ја постигнеме и најголемата инвестиција во Зоните досега. Германската фармацевтска компанија Гересхајмер ќе вложи 126 млиони евра. Ова е само прва таква голема инвестиција. Веќе разговараме со двајца нови инвеститори чии поединечни вложувања се над 100 милиони евра. Со ова С.Македонија влегува на мапата на земји кои имаат капацитет и услови за сериозно големи висококвалитетни инвестиции од кои има директен бенефит за граѓаните и државата“ изјави денеска Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ при презентација на резултатите од првите шест месеци и идните планови на Дирекцијата.

Тој посочи дека само во првите шест месеци се постигнати договори за инвестиции со 5 компании во висина од 240 милиони евра, а потенцијално до крајот на годината се очекува затворање на уште два договори во висина од 160 милиони евра.

Деспотовски најави и дека во тек се преговори со американско-тајванска компанија за инвестиција од над 250 милиони евра, која ги разгледува Западен Балкан и Кина како опција за инвестирање, а С. Македонија во регионот е во конкуренција со Хрватска и Србија.

Анализата на ТИРЗ покажува дека само постигнатите договори во првиот семестар, треба да донесат речиси 3000 нови работни места, да остварат вкупен приход од над 2,2 милијарди долари, а во буџетот да се слеат над 130 милиони евра на основ на придонеси, персонален данок и данок на добивка.