СДСМ се наоѓа во многу тешка ситуација и има потреба од нов почеток – порача актуелниот директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски, кој денеска ја поднесе својата кандидатура за лидер на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
Нов почеток е и слоганот под кој Деспотовски ќе настапи на внатрепартиските избори, а под истото име е заведена и официјалната веб-страница на која е објавена програмата која ја застапува со неговиот тим. Позади неа, како што рече Деспотовски на прес-конференцијата, стојат повеќемина партиски дејци, граѓани и стручни лица.
„Повеќето од работите во програмата се поврзани со основни принципи и политики на работење, меѓутоа она што сакам да го посочам и она што е клучно е што ние нема да зборуваме. Никогаш во мојата професионална кариера не сум трошел многу време на зборови. Секогаш зборувам за дела, за конкретни чекори и секогаш успехот и или неуспехот го мериме преку конкретни дела и чекори. Тоа сметам дека е клучната разлика што нè разликува од останатите противкандидати. Ние не зборуваме, ние ќе работиме и ќе дадеме конкретни дела и чекори за сите наши членови. Нов почеток, нов СДСМ, конкретни чекори, конкретни работи за сите луѓе“ – изјави Деспотовски на денешната прес-конференција на која ја објави кандидатурата за лидер на СДСМ.
Како една од програмските определби за кои ќе се залага Деспотовски доколку го добие лидерското место во СДСМ е формирање на, како што рече, форум односно совет на искусни во кој би членувале сите ексфункционери, носители на партиски или јавни функции, кои ја извршувале дејноста со достоинство и кредибилитет.
Дополнително, како што рече, предвиден е и нов механизам преку кој СДСМ ќе дејствува како опозиција преку т.н. влада во сенка која на граѓаните ќе им даде алтернатива и опција.
„Концептот влада во сенка подразбира дека конкретни личности или тимови ќе работат на ставови од различните политики и предлози кои ќе доаѓаат од власта. Ќе подадеме рака на нашиот политички опоненет, ќе градиме позиции на соработка. Но, секаде онаму каде што ќе процениме дека политиките или чекорите не се во согласност со интересите на граѓаните, ќе понудиме алтернатива, нема да критикуваме само по себе. Ќе бидеме констуркцивна опозиција во Собранието и во државата. Нема да критикуваме по секоја цена, тоа е, исто така, нешто што ќе не разликува од досегашните практики во партијата и државата“ – рече Деспотовски.
Рече дека како кандидат за претседател на партијата има поддршка од членството, но и од граѓаните.