„Десна“ објави писмо од Палевски упатено до Лога

Политичката партија Десна на својот официјален Фејсбук профил, објави наводно писмо од својот поранешен лидер Љупчо Палевски, кој се уште чека екстрадиција во земјава и судска постапка, како првоосомничен за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Според објавеното, писмото е упатено до министерот за правда Кренар Лога, пишувано лично од Палчо, на ден 29.04.2024 година, а на 30.04.2024 година во 17.00 часот му било испратено преку службениот мејл на адреса „cabinet@mjustice.gov.mk“.

Во писмото стои дека Палчо наводно барал брза екстрадиција во земјава, но дека Лога не презел мерки.

-Министер не сте направиле ништо за да бидам изведен пред органите на прогонот (ОЈО) за да можам активно да се брана. Тоа е моето неприкосновено право, произлезено од Закон, стои меѓу другото во наводното писмо на Палевски.

Според дел од фотографиите на Фејсбук-профилот на Десна, може да се видат два листови на кои било пишувано писмото.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски пред два дена информира дека во најкраток рок Палевски ќе биде екстрадиран во Македонија. Во моментов се преземаат мерки за неговото спроведување, рече тој, откако Министерството за правда потврди дека е одобрена екстрадицијата од турските власти, бидејќи кај нив е завршен судскиот процес и административната процедура.

Палевски ќе оди во притвор веднаш по неговото испорачување во земјава, согласно одлуката на Кривичниот суд.

За двата свирепи случаи се осомничени уште 5 лица. Тројца од нив се осомничени за двете убиства и киднапирања, таткото на Ѓорчевска е осомничен за киднапирање на ќерка си, додека С. Д. е осомничен дека му помогнал во бегството на првоосомничениот Палевски. Тројца од нив се во притвор.

Како што е познато Палевски е во екстрадициски притвор во Турција.