Во Белград се одржува десеттиот протест на опозицијата „Србија против насилството“.
Како што беше најавено, собирот на граѓани започна во 19 часот пред Собранието на Србија. За вечерва се најавени протести и во Нови Пазар, Краљево и Крагуевац.
Протести против насилството вчера се одржаа и во повеќе градови во Србија. Протести имаше во Нови Сад, Ниш, Јагодина, Зрењанин, Горњи Милановац, Шабац, Зајечар, Врање, Чачак, Пирот…
Ѓорѓе Микетиќ изјави дека изборите во Белград ќе бидат „замка“ во овој момент и дека фокусот треба да биде ставен на исполнување на барањата на граѓанските протести.
„Граѓаните почнаа да се ослободуваат од стравот. Белград е главно слободен град. Во текот на летото фокусот ќе биде на протестите во помалите градови, бидејќи најтешко е да се биде опозициска партија во мал град. Сакаме да ги охрабриме луѓето во внатрешноста на Србија, да им обезбедиме поддршка, да ја олесниме борбата против локалните шерифи кои се закануваат и уценуваат цели градови“, изјави Микетиќ за Nova.rs.
Потпретседателката на Комитетот за стабилизација и пристапување на Србија во Европската унија, Алесандра Морети, за Nova.rs изјави дека групата на социјалдемократи на Европа ги поддржува протестите „Србија против насилството“.
Таа рече: „Српскиот народ го бара она што ЕУ го бара со години: почитување на владеењето на правото, слободата на медиумите и, пред сè, општество без насилство“.
Неодамнешните масовни трагедии го шокираа српското население, кое повеќе не може да ја толерира атмосферата на насилство и омраза во општеството.